Најубавата болница на светот: Се „тепаат“ за место
фото:ANDREW MAYOVSKYY/SHUTTERSTOCK
Легендата вели дека е изграден на имотот на Темпларите, секако, припаѓа на германското благородништво, а денес е институција за опоравување на болните. Запознајте го волшебниот замок Мозна.
На југозападниот дел на Полска, недалеку од едно мало село, се наоѓа една од најпознатите и највпечатливите градби во оваа земја.
Замокот Moszna, Mosna или Moshnej (Pałac w Mosznej) од 17 век - кога бил изграден за германското семејство Tile-Winkler, до денес, ги воодушевува сите што го посетуваат.
Комбинацијата на неоготска, барокна и неоренесансна архитектура, прекрасна градина и дури 99 кули му даваат изглед на класичен замок од бајките кој привлекува туристи од целиот свет. А бидејќи градините биле ископани во текот на 20 век, пронајдени се многу постари визби, за кои некои истражувачи тврдат дека се остатоци од постар замок што им припаѓал на Темпларите (за кој сè уште нема конкретни докази).
Централниот (барокен) дел од замокот бил делумно уништен во пожар во 1896 година, а истата година бил вратен на првобитниот изглед. Во 1900 година, замокот го добил своето источно крило изградено во неоготски стил, додека западното крило било изградено во неоренесансен стил.
Замокот има точно 99 кули, како и 365 соби - за секој ден од годината, распоредени на 7.000 квадратни метри.
По Втората светска војна, замокот немал постојан сопственик и бил дом на различни институции, а денес му припаѓа на Центарот за јавно здравје. Иако пациентите се опоравуваат во него, на туристите им е дозволено да го посетат. Замокот има и капела која се користи како концертна сала, а од 1998 година поседува и галерија каде редовно се организираат изложби.
Покрај замокот, комплексот има и парк кој нема прецизни граници и се влева во блиските полиња, ливади и шуми.
извор:nationalgeographic.rs