НЕ СЛУЧАЈНА Е КОМПАРАЦИЈАТА СО ЕЛОН МАСК - ЗА БАЛКАНЕЦОТ МИЛИОНЕР СЕ КРШАТ КОПЈА

Можеби претпоставувате, Балканецот милионер е 33-годишниот Хрват од босанско потекло - Мате Римац кој наредниот месец, на 12-ти, ќе полни 34. Иако е млад, неговото богатство е предмет на интерес во јавноста, постојано се врши негова евалвација, но не стивнува ни компромитирањето. Сепак, мнозинството е воодушевено, најмногу од неговиот успех, вклучително и од неговата приземност.

Балканскиот менталитет е чудо, велат дека луѓето ќе ти простат сѐ, освен успех. Ни Хрватите не се исклучок, очигледно. За Мате Римац се кршат копјата без оглед на неговиот придонес во земјата каде што живее и работи, во секој поглед. Компромитирањето не застанува, се оди во крајност. Пред извесно време, група луѓе ги претепаа странците кои работат во неговата компанија, сред Загреб, продолжува да се оцрнува и неговото семејство, поточно татко му поради лажните обвиненија дека измамувал итн. За среќа, поголемиот дел од граѓаните му се наклонети, го следат секој негов напредок, успех, вклучувајќи го и неговиот приватен живот. Интересот за него е навистина голем, од самите негови почетоци.

Во никаков случај не може да му се оспори талентот за иноваторство, како ни чувството за претприемништво. Всушност, неговиот претприемачки дух го издигна високо, а оттаму е и компарацијата со Елон Маск иако разликата е очигледна. Животописот на 33-годишниот Хрват е партикуларен спиритус агенс или мовенс кога се младите во прашање.

Имено, Мате Римац е роден во Ливно. Како и повеќето жители на босанскиот град, така и неговото семејство решило да се пресели во Германија со цел да просперира. Татко му Иван работел во градешништво, а мајка му Зденка била хигиеничарка. Наводно чистела хотели. Во 2000-тата се вратило да живее во хрватскиот град Самобор каде што татко му отворил градежна компанија и почнал да работи наголемо, со трговските куќи. За неколку месеци, компанијата се збогатила толку што нејзиниот приход изнесувал 40 милиони евра. Тогаш се појавиле и лажните обвиненија за измама. Судот пресудил така.

Во исто време, Мате покажувал голем интерес кон електротехниката и автомобилизмот. Ретко се дружел со врсниците кои често му се исмејувале (во една телевизиска емисија признал дека го злоупотребувале, но бил принуден да молчи) од неколку причини, меѓу другото и поради тоа што не јадел риба и месо. Секако, продолжил да работи на своите иновации, а поддршката на средношколскиот професор му значела многу. И ден-денес ја споменува, како и неговото влијание на довербата во себеси.

Во гимназиските денови, кога се тркал со татковото BMW, моторот експлодирал буквално, а наместо да го направи, тој се одлучил за негова репарација, т.е. го претворил во тркачки, електричен автомобил. Ги применил методите на Србинот, родум од Хрватска - Никола Тесла за чиј електромотор читал со задоволство. Едноставно се прашувал која е причината што неговиот изум стар 160 години, па и повеќе, уште никој не го употребил. Сметал дека спортските коли со него ќе бидат возбудливи, забавни. Така и почнал, на почетокот во гаражата од семејната куќа. Се ориентирал на стари автомобили. Електричното BMW го нарекол Green Monster, а вниманието на медиумите било преголемо. Без оглед на интересот, набргу сфатил дека тоа не води баш никаде. Затоа решил да конструира нов. Секако, финасиите го спречувале да почне свој бизнис, па технолошките иновации почнал да ги продава, да работи со фирми чија репутација и не била висока, но подоцна, со текот на времето, го ангажирале и поугледните, како на пример Aston Martin и Renault.

Во меѓувреме, за неговата работа се заинтересирале и Арапските емирати, поточно едно кралско семејство и благодарејќи на спонзорството, т.е. материјалната поддршка, во 2009 година ја отворил Rimac Automobili со дваесетина вработени, на 21-годишна возраст. Но, Арапите инсистирале компанијата да се префрли кај нив, откако се увериле дека функционира одлично. Мате Римац не се двоумел нималку, па ги одбил веднаш и соработката прекинала. Тогаш неговиот татко му излегол во пресрет, му помогнал финансиски, а парите, до последна куна, му ги вратил откога почнал да заработува добро.

Првиот хиперавтомобил Concept One го промовирал во Франкфурт, на светската изложба на коли, а успехот не изостанал бидејќи почнал да се нарачува веднаш. Биле направени осум, по цена од 1,6 милиони долари. Се продале само шест, но Мате Римац вели дека целта не била комерцијализацијата, туку надградувањето бидејќи во технологијата на батериите ја гледал иднината, блиската. Сепак, понудите за соработка доаѓале отсекаде, вклучително и Хонгконг, а богатството растело правопропорционално на нивното вложување и новините што излегувале од Rimac Automobili и нејзините сестрински фирми - Greyp Bikes, Rimac Technology итн.

Потоа се лансирал Concept Two или Nevera (во превод значи крајбрежно невреме), по цена од 2,4 милиони долари. Од 2018 година се продале над 150 коли. Лани, во декември, се промовира и новата серија. 2022-та почнауспешно, се официјализира соработката меѓу хрватската компанија и германската Porsche, вклучувајќи ја и нејзината сестринска фирма - француската Bugatti. Односот е 55 % : 45 % во негова корист. Останатите, меѓу кои е и јужнокорејската компанија Hyundai, продолжуваат да ги користат услугите на Rimac Automobili, додека истоимениот кампус на површина од 100.000 квадратни метри се градисо невидена брзина. Се наоѓа во Света Недела, оддалечена дваесетина километри од Загреб. Камерите се постојано вклучени за неговите фанови да можат во живо да го следат издигањето. За него се предвидени 200 милиони евра. Таму ќе се произведуваат електричните суперавтомобили на Bugatti со 2.500 работници.

Дотогаш ќе остане во Јанкомир, во канцеларијата за која вели дека му делува инспиративно, ќе ја следи работата во неколкуте погони каде што има 1.300 луѓе од различни профили, а конкурсот за нови 450 работни места е отворен и, секако, ќе ужива во бракот со Катарина. Венчавката беше лани летото, а гостите на прославата ги забавуваа Бајага и Забрането пушење. И натаму е активен кога се работи за социјалните мрежи, особено на Фејсбук каде што изминатата седмица-седмица и пол ги воодушеви пријателите со реакцијата и одговорот на 13-годишното момче кое му испрати аматерски цртеж на кола, со препорака да вежба и за десетина години да конкурира во Rimac Automobili. Истовремено размислува и за иднината бидејќи вели дека по едно десетлетие ќе биде инаку, автомобилите ќе се возат сами.

И.Л

Фотографии: Rimac Automobili