Ни вековите ништо не им можат: Невообичаени цркви изградени без ниту еден клинец (Видео)
Чилое е најголемиот остров во истоимениот архипелаг во Тихиот Океан и се наоѓа во јужниот дел на Чиле. Познат е по прекрасните пејсажи и производството на волна, но и како родно место на индустријата за лосос.
Но, тоа не е сѐ. Овој остров е уникатен и по својот необичен начин на градење цркви.
Кога језуитите пристигнале на овие простори во 17 век, тие донеле поинаков архитектонски стил во изградбата на црквите. Комбинирајќи ги градежните техники од Шпанија со методот на градење дрвени бродови на предците од овие простори, создаден е уникатен стил кој најдобро се гледа во изградбата на цркви без клинци.
Наместо клинци, користени се армирани дрвени споеви, имитирајќи ја техниката што се користи за изградба на бродови. Црквите се направени од чемпрес и ариш од островот Чилоа.
На овој остров биле изградени вкупно 70 цркви без клинци, а денес останале 16. Најсилните успеале да преживеат пожари, земјотреси и други временски непогоди. На крајот на краиштата, тие се изградени за да ги издржат лошите временски услови, а нивната положба (најмногу се градени на рид) и влезот од јужната страна придонесоа да бидат подобро заштитени од дожд и поплави.
Од 2000 година, списокот на светско наследство на УНЕСКО ги вклучува црквите Ахао, Кинчао, Кастро, Рилан, Неркон, Алдачилдо, Ичуак, Детиф, Вилупули, Чончи, Тенаун, Коло, Сан Хуан, Далкаху, Челин и Кагуач.
Овие цркви без клинци се препознаваат и по нивните шарени фасади, како што е светло жолтата црква Кастро или сината црква Чончи.