Ни вонземјани, ни технологија: Новото откритие одговара како се градени пирамидите
Со векови, експертите и лаиците ширум светот прашуваа - како Египќаните ги граделе пирамидите? Постојат многу теории, од кои некои се повеќе, а некои помалку веројатни (да не ги спомнуваме оние за вонземјаните), но новото откритие на археолозите во голема мера помага во одговорот.
Имено, северно од Луксор, археолозите пронајдоа рампа стара 4500 години, за која се претпоставува дека била користена за преместување на камени блокови од каменоломот до местото каде што требало да се гради пирамидата.
Секретарот на египетското Министерство за антиквитети, Мустафа Вазири, рече дека алабастер се користел за изработка на статуите, иако варовникот е основен материјал за изработка на пирамидите.
Ова важно откритие, смета тој, е првиот доказ што ни кажува како тешките блокови биле поместени од каменоломот.
„Системот за движење се состои од рампа во средина и две групи скалила на страна, со дупки за столбови“, рече еден од археолозите кој го пронајде овој уред.
Заедно со него, пронајдени се натписи во кои се споменува доаѓањето на фараонот на тоа место, како и камени „колиби“ во кои живееле работниците, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Сè уште не е познато како тешките варовнички блокови се искачиле по пирамидата, но можеби составот на рампата ќе даде барем дел од одговорот и на тоа прашање.