Новата студија сугерира: Вакцината Фајзер штити во 75% од случаите по првата доза
Вакцината Фајзер штити од инфекција со коронавирус во 75 проценти од случаите, покажува новото истражување објавено во „Лансет“.
Студијата го испита ширењето на вирусот меѓу израелските здравствени работници и откри дека вакцината е ефикасна во спречување на развој на симптоми по првата доза.
Во студијата учествувале 7.000 здравствени работници од медицинскиот центар Шеба во Израел - најголемата болница во земјата, пренесува Индипендент.
Коментирајќи го истражувањето, Дебора Дан-Волтерс, претседател на британското друштво за имунологија и професор по имунологија на Универзитетот во Сари, рече:
„Поради високиот процент на израелска популација која досега беше вакцинирана, очекувавме податоци кои укажуваат на првите знаци за тоа колку ефективни се ковид вакцините надвор од клиничките испитувања и како распоредот на дозирање влијае на тоа“, рече Дан-Волтерс.
- Треба да се напомене дека оваа студија е спроведена на луѓе на работоспособна возраст, па затоа би било корисно да се види слична студија кај постари лица по единечна доза. Иако се потребни дополнителни истражувања, во целина, овие нови откритија треба да обезбедат сигурност во врска со одлуката на Обединетото Кралство да понуди две дози од вакцината, со разлика од 12 недели, додаде Волтерс.
Истакна и дека иако студијата покажала дека пациентите развиле добро ниво на имунитет по една доза, најдобрата и најдолготрајна заштита се добива само по втората доза.
- Клучно е сите луѓе кои ги исполнуваат условите за вакцинација против ковид да се вратат по друга доза кога тоа ќе го побараат нивните лекари- допони Дан.
Д-р Питер Инглиш, советник за контрола на заразни болести и поранешен уредник на списанието Vaccines in Practice, ги опиша откритијата како „добра вест“, но додаде дека достапните податоци се прилично ограничени.
- Ова е добра вест. Резултатите се поткрепени со претходни податоци кои сугерираат дека приближно шест недели по вакцинирањето, ефективноста на вакцината најверојатно ќе биде најмалку 85 проценти, а веројатно и поголема, барем кај примателите на вакцини на работоспособна возраст. Ова е извештај, а не истражувачки труд - бидејќи таквите податоци се прилично ограничени - рече д-р Питер, додавајќи:
- Колку што можам да видам, овој специјален извештај не вклучува податоци за тешка и лесна инфекција. Од претходните докази, би очекувале дека вакцинацијата ќе заштити од тешки форми на болеста порано отколку од лесни клинички слики и асимптоматски случаи. Можеби ќе добиеме повеќе информации кога целата публикација е достапна - заклучи тој.
(Телеграф.рс)