Ново истражување покажува дека во теорија не постојат граници: Дали луѓето би можеле да живеат вечно?

Горната граница на човечкиот живот е предмет на бројни истражувања и дискусии.

Студијата, базирана на медицински податоци од повеќе од 500.000 волонтери, објавена во јуни 2021 година во списанието Nature Communications, покажа дека горната граница на човечкиот живот може да биде некаде помеѓу 120 и 150 години.

Сепак, некои научници веруваат дека теоретски не постои ограничување за времетраењето на човечкиот живот.

Една нова студија, објавена во списанието Royal Society Open Science, анализирала податоци од суперстогодишници, луѓе на возраст над 110 години, како и податоци од полусуперстогодишници, кои доживеале 105 или повеќе, пренесува Index.hr.

Ризикот од умирање генерално се зголемува со возраста. Сепак, авторите на новата студија откриле дека овој ризик престанува да расте по одредена возраст и застанува на веројатноста дека лицето ќе умре во следната година, што е 50 / 50 веројатност.

„Откако ќе наполни 110 години, веројатноста дека човекот ќе преживее уште една година е слична на фрлање паричка“, Ентони Дејвисон, професор по статистика на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана (EPFL), кој го водел истражувањето изјави за АФП.

Врз основа на досега достапните податоци, се чини веројатно дека луѓето можат да живеат најмалку 130 години, но екстраполацијата од наодите „имплицира дека нема ограничување за човечкиот животен век“, заклучува студијата.

Заклучоците кореспондираат со слични статистички анализи направени на збирки податоци за многу постари лица.

„Но, оваа студија ги зајакнува тие заклучоци и ги прави попрецизни бидејќи сега се достапни повеќе податоци“, рече Дејвисон.

Две групи на податоци

За време на студијата, тимот анализирал две групи податоци. Податоците за една група се земени од Меѓународната база на податоци за долговечност, која содржи податоци за повеќе од 1.100 суперстогодишници од 13 земји.

Други податоци доаѓаат од Италија, а има податоци за сите лица кои во периодот од јануари 2009 до декември 2015 година доживеале најмалку 105 години.

„Покажавме дека ако постои граница на очекуваниот животен век што е некаде под 130 години, досега требаше да ја откриеме користејќи ги достапните податоци“, рече Дејвисон.

Но, експертите истакнуваат дека тоа што луѓето теоретски можат да доживеат 130 и повеќе години не значи дека тоа ќе се случува често.

Еден во милион

Имено, дури и ако некој доживее 110 години, неговите шанси да доживее 130 ќе бидат околу еден на милион. Не е невозможно, но е многу малку веројатно.

Дејвисон верува дека веќе во овој век ќе можеме да запознаеме луѓе кои наполниле 130 години, бидејќи како што расте бројот на стогодишници, така расте и веројатноста дека некој меѓу нив ќе доживее толку длабока возраст.

Сепак, тој верува дека, без голем напредок во медицината и општо општеството, луѓето постари од 130 години сепак ќе останат реткост.

Досега најстарата евидентирана возраст на човек ја доживеала Французинката Жан Калмент, која почина во 1997 година, на 122-годишна возраст. Во моментов, најстариот жив човек во светот е Јапонецот Кејн Танака, кој има 118 години.


извор:nationalgeographic.rs