Ново неверојатно откритие на Црвената планета: Научниците пронајдоа докази за резервоар за вода под површината!
Користејќи сеизмичка активност за испитување на површината на Марс, геофизичарите пронајдоа докази за голем резервоар со течна вода - доволно за да ги наполни сите океани на површината на Земјата.
Податоците од роботот InSight Lander на НАСА им дозволија на научниците да претпостават дека количината на вода што ја пронашле на Марс може да ја покрие целата планета на длабочина од еден до два километри, како што објави Би-Би-Си.
InSight Lander е првиот вселенски роботски истражувач кој го проучува Марс: неговата кора, јадро и површина.
Иако ова е добра вест за оние кои ја следат „судбината“ на водата на црвената планета, бидејќи таа исчезна пред три милијарди години, резервоарот на оваа вода нема да биде доволен за користње на оној кој ќе се обиде да изгради идна колонија на Марс.
Водата се наоѓа во мали пукнатини и пори на карпи во средината на кората на Марс, помеѓу единаесет и дваесет километри од површината на планетата.
Дури и на Земјата, ваквото ископување би било предизвик. Сепак, овој резервоар може да се користи за идни истражувања за животот на Марс, доколку е можно да се стигне до него.
„Разбирањето на водниот циклус на Марс е од клучно значење за разбирање на еволуцијата на неговата клима, површина и кора“, рече Вашан Рајт, постдоктор на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Тимовите ќе го продолжат истражувањето, а се планира да се испратат уште роботи и истражувачки проекти кои имаат една мисија - да откријат што се случило со водата на Марс и дали некогаш постоел живот на црвената планета?
Новото истражување докажува дека водата од Марс не испарила во вселената, туку отишла во земјата, сè до кората. Професорот Мајкл Манга од Универзитетот во Калифорнија, кој беше вклучен во истражувањето, вели дека водата е „најважната молекула во еволуцијата на планетата“.
Во последните три милијарди години Марс бил пустина, но пред тоа, во античко време, според научниците бил полн со реки и езера.
„Без течна вода нема живот“, рече професорот Манга, додавајќи дека „ако постои животна средина на Марс, тој е длабоко под земја.
Фото и Видео: Youtube