Отпад насекаде по продолжените викенди во земјава: Македонија е убава земја, но граѓаните не се грижат за неа

Пандемијата од коронавирус ги затвори границите во земјава но и во целиот свет, постепено со попуштањето на мерките дел од границите се отворија за нашите граѓани, дел сеуште стојат затворени, односно наши граѓани не можат да патуваат во нив или само со негативен ПЦР Тест. Ковид-19 не погоди сите, но некако како и кај секое зло, така и со вирусот граѓаните станаа покреативни и изнајдоа повеќе начини за луфтирање од целата ситуација во којашто се најдовме.

На социјалните мрежи се појавија неколку групи преку кои се промовираа убавините на нашата земја, места кои досега не сме ги посетиле, места кои биле подзаборавени од граѓаните. А особено македонскиот Ерусалим, Охрид летово го посетија илјадници Македонци како дестинација за викенд но и дестинација за летување.

Охрид е убав, прекрасен град, среден, со преубави пејсажи. Природа која може да ја сретнете само таму, но и 365 цркви и манастири кои пленат со својата живост и спокој. Но, покрај сите овие божји убавини може да се видат купишта од ѓубре, отпад кој го оставаат туристите, некои го оставаат до кантата за отпадоци бидејќи истата е преполна а други намерно или не го фрлаат отпадот кај ќе им текне.


Глетката секако не е убава, ниту за Охриѓани, ниту за туристите. Но, не се фрла отпад само во Охрид.

Граѓаните кои се активни планинари преку социјалната мрежа Твитер се пожалија за големата количина на отпад која што ја оставаат граѓаните откако ќе се прошетат низ планина. Таков пример е и отпадот кој за време на продолжениот викенд бил направен и оставен на планината, односно на местото викано Лешница.


Планинарите се лути на себе што им го откриле овој рај на граѓаните. Апелираат отпадот да си го носат со себе до најблиската канта за отпадоци, да не се остава во планина. Да ја заштитиме планината, природата но и идните генерации.

Дел од планинарите кои се активни и редовни посетители низ нашите планини, дел од ѓубрето на несовесните граѓани го собираат во ќеси за отпад и го симнуваат од врвовите. 



Редовно за викенд се посетува и прекрасната Матка, а особено во петокот за време на големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“, голем број граѓани ја посетија црквата таму и се молеа за здравје и благослов од бога.

Сликата на терен по големиот промет на луѓе и таму е иста, смет на сите страни, околу кантите за отпадоци, под поставените клупи и маси за одмарање, но и по целата патека која води кон Матка.


Сведоци сме сите кога патуваме од една до друга дестинација дека низ патиштата во земјава редовно се среќаваат пластични шишиња, амбалажи од чоколада, па дури и делови од облека.

Активистите за зачувување на животната средина апелират да се чува природата, бидејќи таа ни е потребна нас повеќе отколку ние на неа.

Според Државниот завод за статистика минатата 2019 година се собрани 632.484 тони отпад, а во 2018-тата се собрани 625.386 тони смет. Бројките кои покажуваат дека отпадот во земјава се зголемува.


Фото: Твитер и Фејсбук

Р.М.М.