Ова рајско место е највисоката точка во Македонија: Поглед до недоглед
Голем Кораб — највисокиот врв на планината Кораб и воедно највисок врв во Република Македонија, на надморска висина од 2.764 метри. Се наоѓа на границата меѓу Македонија и Албанија. Геолошкиот состав го прават филитоидни карпи, а во подножјето се јурски варовници. Врвот е остар, карпест, оголен и од него се протега извонреден панорамски видик.
Иако припаѓа на територијата на Националниот Парк Маврово, ‐ Република Македонија, сепак не припаѓа кон сливот на Реката Радика, туку на сливот на реката Прој Радомирс во соседна Албанија
При изработката на дигиталната географска карта на Република Македонија од страна на јапонски експерти е утврдено дека Голем Кораб е повисок, па според премерувањата тој е повисок за 88 метри, но тоа сѐ уште не е официјално потврдено.
По Голем Кораб, планината Кораб има повеќе врвови преку 2000 метри надморска височина.
Општа карактеристика за масивот на Кораб е богатството на површински водотеци - реки и потоци кои по напуштањето на планинското подрачје се влеваат во Радика и Црн Дрим. Тие имаат брзи текови, наизменично низ кањони и долини, често формирајќи брзаци и водопади. На македонска територија Кораб има 8 постојани и десетина повремени леднички езера, додека нешто помал број има на албанската страна.
Инаку, Корапскиот водопад на Длабока Река или водопадот на Длабока Река е највисок водопад во Македонија, а воедно и на Балканот со висина од над 130 метри (136 метри, ако се смета и висината на слапот во подножјето). Се јавува на вертикална карпа која е продолжение на стрмната источна страна на врвот Мал Кораб. Формиран е како последица на истекувањето на огромниот ледник кој го продлабочил горното корито на Длабока Река, пресекувајќи ја карпата на неговиот пат.
Водопадот јасно може да се види од далечина само во пролетните месеци и во почетокот на летото додека се топи снегот, кога количеството на вода е поголемо. Зимно време е комплетно замрзнат, а во доцните летни месеци и почетокот на есента останува да се полни со водата од неколкуте мали извори кои се наоѓаат веднаш под врвот Мал Кораб и во близина на Мало Корапско Езеро - количина на вода која поради големата вертикала можа да се забележи само од непосредна близина, но не и од далеку при што изгледа како да е пресушен.
Поради непристапниот терен и краткиот временски интервал во којшто може да се посети, многу малку луѓе имаат можност да го видат во својот полн сјај. Најдобар период за посета е месецот јуни кога снегот нема да претставува голема пречка за да се стигне до водопадот, а и поради топењето на преостанатиот снег количеството на вода е релативно големо.