Овој фудбалер гради болници и донира милиони: „Бев гладен и играв бос и затоа помагам“

Немам потреба да покажувам луксузни автомобили, куќи, патувања и авиони. Претпочитам мојот народ да добие мал дел од она што животот ми го овозможи, изјави еднаш фудбалерот и голем хуманитарец Садио Мане.

Садио Мане (30) е познат како еден од најскромните фудбалери и по неговата хуманитарна работа во родниот Сенегал.


Поранешната ѕвезда на Ливерпул, денес заработува 19 милиони евра годишно, а дел од богатството го издвојува за 2000 луѓе во Бамбали, селото во Сенегал во кое израснал Мане.

Изградил болница во селото, финансира училишта и дава пари на секое семејство во селото. Поради овие заслуги, тој ја доби првата награда „Сократес“ наменета за спортисти кои промовираат мир по избор на Франс Фудбал.


- Зошто би сакал десет луксузни автомобили или 20 дијамантски часовници? Или два авиони? Што ќе направат за мене и за светот? Бев гладен, морав да работам на нива, преживеав тешки времиња. Играв фудбал бос, немав можност да одам на училиште и многу други работи. За среќа, денес можам да му помогнам на мојот народ поради фудбалот - изјави еднаш Мане.


Мане пред четири години донирал 285.000 евра и помогнал да се изгради училиште во Бамбали, а учениците и училиштето се уште ги финансира со стипендии и компјутери.

Во јуни 2021 година донирал повеќе од 510.000 евра за изградба на болница, а на почетокот на пандемијата на коронавирус донирал речиси 50.000 евра.


Фото: Инстаграм