Пилотите не смеат да имаат брада кога управуваат со авион: Еве зошто
Брадата е забранета на повеќето големи авиокомпании, што значи дека пилотите мора да се откажат од таков опуштен изглед, барем кога се во кабината. Иако тоа не е официјална политика што ја спроведуваат сите авиокомпании, портпаролот на FAA (Федералната управа за авијација) рече дека брадите и мустаќите можат да влијаат на безбедноста.
- Немаме никакви прописи според кои пилотите треба да бидат чисто избричени, но многу авиокомпании имаат правила кои бараат пилотите да бидат голобради или да имаат минимална брада, така што маските за кислород добро „стојат“ доколку треба да се стават - објасни претставникот на ФАА.
- Бараме маските за кислород да бидат функционални, а авиокомпаниите може да бараат од пилотите да бидат избричени или да имаат минимална брада за да го обезбедат тоа - додава тој.
Во „Делта ерлајнс“ на пилотите им е забрането да имаат брада и мустаќи за подобро да се вклопи маската за кислород, а слична политика има и „Американ ерлајнс“.
- Не дозволуваме пилоти со брада да бидат во активна служба. Тоа е правило фокусирано на безбедноста. Безбедноста е една од најважните работи во нашата индустрија - изјави нивниот портпарол.
Загриженоста за брадата во воздухот произлегува од студијата на ФАА од 1987 година, „Ефектите на брадата врз перформансите на маската со кислород“, која заклучи дека авионскиот екипаж нема да може брзо да стави маска за кислород, ниту пак „ефикасно да се затвори“ доколку пилотите имаат брада на лицето.
На патниците, се разбира, им е дозволено да имаат брада, но од нив веројатно нема да се бара да се вклучат во активности што трошат енергија и брзо дишат - како што се очекува да прават членовите на екипажот, пишува New York Post.