„Поради сериозните смрзнатини на прстите не можев да го отворам патентот од оделото“: Голготата на македонски алпинист кој го освои четвртиот највисок врв на светот
Македонскиот планинар, Здраво Дејановиќпред 10 дена успеа да се искачи на врвот Лоце, на Хималаите, четвртиот највисок врв на светот (8.516 метри), без користење кислород, како што е вообичаено и без помош од шерпаси.
Но при искачувањето и симнувањето Дејановиќ имал многу проблеми заради лошото време и ниските температури по што се здобил со смрзнатини на рацете и на нозете.
Тој на Фејсбук детално и со фотографии го опиша неговото искачување на овој врв.
„На ден 19.05 околу 12h, го искачив врвот Lhotse 8516m без да користам помош од други лица (шерпаси) и дополнителен кислород. Врвот го искачив во тешки и неповолни временски услови, пропратено со врнежи, олујни наноси од снег, со јачина на ветар до 50km/h. Поради таквите временски услови јас и другите искачувачи добивме смрзнатини на долни и горните екстремитети. Во одреден момент на висина од 8400m, јас и алжирскиот искачувач Насир и неговиот личен шерпас (кои за цело време користеа дополнителен кислород), бевме принудени 2-2:30h, да останеме во место на таа висина поради силните наноси од снег. На оваа висина бев виден од повеќе качувачи, боливискиот качувач Хуго, шерпасот Лама, еден кинески качувач, и уште двајца кинески качувачи ( кои го прекинаа искачувањето на врвот поради смрзнатини), раскажува Дејановиќ.
Здравко од искусен шерпаст бил советуван да се откаже од искачувањето и да се врати во кампот, но со неговите придужувачи тројца на број сепак одлучиле да го продолжат искачувањето кон врвот.
„На врвот околу 10 min пред мене беа Насир и неговиот шерпас, кои веќе се симнуваа кога јас пристигнав на врвот. На врвот поради сериозните смрзнатини на прстите неможев веќе смрзнатиот патент од качувачкото одело, да го отворам, да го извадам мобилниот телефон и да направам видеозапис. Заради мојата безбедност и здравствена состојба која веќе почна да се влошува (бев исцрпен и веќе имав изразени смрзнатини на прстите на рацете) неможев долго време да се задржувам на врвот , и веднаш се упатив кон пониските кампови. Се спуштав колку толку успешно се до Yellow Band (вертикални карпи кои се наоѓаат на 7600m), и тоа место е последно нешто на што јас се сеќавам. Од тој момент имало спасувачка акција за мое извлекување до пониските кампови. Спасувачката акција била координирана од шерпасите од 8K тимот, мојата ќерка Стефанија, Славица Атанасовска и Билјана Огнененоска. Сите искачувачи беа дел од 8kexpeditions тимот“, раскажа македонскиот алпинист.
Претходно, во мај, на Лоце се искачија уште двајца Македонци Сашко Кедев и Златко Јаќовски.
Фото: Фејсбук