„ПРЕПОРОДЕНА ПТИЦА“: Русија со нова верзија на најмоќниот стратешки бомбардер Ту-160М

Авионот ќе носи 40 тони проектили и ќе служи како оружје за нуклеарно одвраќање.

Најмоќниот руски стратешки бомбардер Ту-160М2 за прв пат полета кон средината на јануари по долгата надградба.

Најголемиот авион во сопственост на Русија помина околу 30 минути во воздух на височина од 600 метри. Екипажот ја проверуваше стабилноста и уредите за управување и изврши неколку маневри во исто време.


Овој авион е првиот од 10-те ракетни бомбардери Ту-160М2 што руската армија ќе ги добие до 2027 година. Тие ќе ги заменат застарените претходници од советската ера и ќе бидат составен дел од „нуклеарната тријада“, заедно со нуклеарните подморници и интерконтиненталните балистички ракети.

Историја на „Белиот лебед“

Рускиот стратешки бомбардер Ту-160М2 (кој поради својот изглед го доби прекарот „Белиот лебед“) е всушност реинкарнација на најмоќниот советски бомбардер Ту-160.

Авионот некогаш бил користен како оружје за одвраќање и дел од „нуклеарната тријада“. Може да носи 40 тони нуклеарни проектили и да ги лансира на непријателска територија илјадници милји подалеку од неа.

Но, времето истекува, па дури и советскиот Ту-160 го завршува својот работен век во 2020-тите. По 40 години служба во армијата, овие стари „птици“ мора да отстапат место на нова „генерација“.

„Русија првично планираше да изгради и пушти во употреба стратешките бомбардери од новата генерација ПАК ДА до крајот на работниот век, но работата на проектот траеше подолго, па беше одлучено радикално да се измени советскиот стратешки бомбардер“, рече Александар Храмчихин, поранешен заменик директор на Институтот за политички и воени анализи.

Тој смета дека немало потреба итно да се создаде авион од новата ера наместо стариот Ту-160.

„Тоа е оружје за одвраќање. Претходните авиони беа користени за прв пат од нивното создавање во сириската војна. Тие беа префрлени од Русија во Сирија за да фрлаат неводени бомби врз позициите на терористите. Пред тоа тие беа користени само за патролирање на нашата територија“, тој рече.

Како повторно препородената „птица“ ќе се бори со модерното оружје?

„Русија целосно ја промени внатрешноста на стариот Ту-160. Само конструкцијата остана иста. Новиот авион доби нови системи за навигација, нови радија и нови мотори, а може да користи и нови видови стратешки ракети и бомби, вклучително и хиперсонични“, објаснува Игор Коротченко, главен уредник на списанието „Арсенал на татковината“.

Од друга страна, отсуството на какви било промени во конструкцијата беше остро критикувано во рускиот печат. Некои публикации тврдат дека овој авион не може да ги избегне единиците за противвоздушна одбрана на потенцијалниот непријател и дека не лета побрзо од звукот.

Коротченко вели дека сето ова е точно, но дека овие недостатоци нема да имаат никакво значење во потенцијален конфликт, бидејќи секој Ту-160М2 може да ракетира непријателски цели без да го напушти рускиот воздушен простор. Затоа, неговата „видливост“ на радарите на непријателската противвоздушна одбрана нема да го загрози авионот, бидејќи ќе биде заштитен на територијата на Русија.


„Најголемата предност на Ту-160М2 е неговата способност да испука проектили кога е оддалечен илјадници километри од дострелот на противвоздушните системи. Авионот е веќе вооружен со крстосувачки ракети Х-101 и Х-102 со дострел 5.000 километри. Ту-160М2 во наредните години ќе добие нови хиперсонични ракети кои современите радари за противвоздушна одбрана не можат ни да ги видат или следат“, рече Коротченко.

Тој го привлекува вниманието на фактот дека Ту-160М2 е оружје што се користи во најсложени околности и кое ракетира непријателска територија без да го напушти рускиот воздушен простор. Така, авионот е заштитен од сите видови воздушна одбрана.

Експертот смета дека новиот авион ќе биде во арсеналот на руската армија најмалку 20 години, додека да го заменат стратешките бомбардери на новото време, ПАК ДА.

Foto: Printscreen Youtube