Претседателката Давкова од срце им благодари на тимовите доктори од земјите кој дојдоа овде за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар

„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со искрена човечка грижа ги посети седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за токсикологија по трагичниот настан.

Ја запознав со нивната подобрена здравствена состојба, а таа им посака брзо оздравување. Претседателката, посебно му се заблагодари на младиот херој Јован – момчето кое со својата храброст спаси 21 живот од огнената стихија.

Оваа посета за нас е не само пример за грижа за младите, туку е признание за посветеноста на вработените„- вели Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев.
Давкова исто така им се заблагодари на медицинските тимови од земјите кои помагаа:

„Имав особена чест да ги примам медицинските тимови од Државата Израел (16 члена) и Чешката Република (6 члена), во придружба на нивните амбасадори, пред заминувањето.

Тие, заедно со веќе заминатиот српски медицински тим од ВМА, извршија стотина операции во соработка со македонските лекари.

Се работи за лекари со врвно знаење, професионалност, хуманост, пожртвуваност и етика. Убаво е да се чујат комплименти за нашите лекари, како и изразена спремност за нивна едукација.

По она што го чув од нив, не можев да најдам соодветни зборови за да им изразам должна благодарност.

Од срце им благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар. Никогаш нема да го заборавам нивниот несебичен лекарски потфат!“