Промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ во МАНУ

Промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ во МАНУ

 
Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, на 25 јуни (вторник), во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе се одржи промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.

Изданието, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син Петре М. Андреевски.

Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

Книгата ќе биде достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.