Први аплаузи, први солзи: Универзална сала е споменик на емоции
По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во јануари пред скоро 55 години беше пуштена во употреба Универзална сала Скопје. Изградена како резултат на светската солидарност и помош, брзо стана центар на сите културни случувања во градот. Златно Славејче, Скопски џез фестивал, Буба Мара, Скопски фестивал, концерти, претстави, промоции, со учество на реномирани домашни и интернационални гости, илјадници настани се случија на овој простор, ширејќи добра енергија.
Врвна музика, забава и смеа, негување на традицијата и културата се работи кои се поврзуваат со Универзална сала, чија сцена e престижно место за настапување и начин да се стекне популарност. Речиси и да нема уметник, музичар кој не настапувал на оваа сцена, кој тука ги добил првите аплаузи, ги пуштил првите солзи... кој едноставно не уживал во овој простор.
Универзална сала не е обичен објект во Скопје. Израснавме одејќи во Универзална сала, живеевме со неа. Таа е историја, срцето на сите културно уметнички случувања во градот, место за забава, смеа, место со кое скопјани се емотивно поврзани. Малечка, и можеби со многу недостатоци, таа сепак беше омилено сврталиште на сите оние кои години наназад ја сакаа музиката, традицијата, уметноста.
Едноставно и несомнено културен симбол за Скопје!
Што ќе биде со нејзината судбина е нејасно, посебно сега во медиумите на голоемо се зборува дали да се урне или да се изгради нова или да се надгради постојаната, но јасно е дека ова е простор кој дише заедно со градот.