Шпанската грозница 500 милиони, коронавирусот надмина 23 милиони: Има ли крај?

Во светски рамки, бројот на заразени со коронавирус надмина 23 милиони одоносно 23,613,653, додека бројот на починати се искачи на 800 илјади, а случаи на инфекција со вирусот се регистрирани во 210 земји и територии, откако првиот случај е откриен во декември 2019 година во Кина, објави Ројтерс.

Во однос на бројот на пријавени случаи на инфекција и смртност, на прво место се САД, а потоа следува Бразил, чие Министерство за здравство во саботата пријави малку повеќе од 50 илјади потврдени нови случаи на инфекција со коронавирус.

Така, вкупниот број заразени во таа земја достигна скоро 3,6 милиони, додека бројот на починати се зголеми за 892, на вкупно 114.250 досега.

Индија е на третото место во светот по бројот на инфекции и смртни случаи на коронавирус, а потоа следат Русија, Јужна Африка, Перу и Мексико, каде што вкупниот број на смртни случаи на коронавирус во надмина 60.000.

Мексиканското Министерство за здравство пријави 6.482 нови потврдени случаи на инфекција со коронавирус и 644 смртни случаи, со што вкупниот број на заразени во земјата достигна повеќе од 556.000, а смртни случаи на повеќе од 60,2 илјади.

Инаку, шпанската грозница, една од најсмртоносните пандемии во светот која зарази над 500 милиони, а се појави пред крајот на Првата Светска војна беше исто толку агресивна како и коронавирусот. Се ширеше во три бранови. Тогаш умреа над 50 милиони луѓе.