СО ПСИХИЈАТРИСКО ВЕШТАЧЕЊЕ БИЛО УТВРДЕНО ДЕКА НЕМА ДУШЕВНА БОЛЕСТ - бројни пријави против Стефановски кој свирепо ја уби Росица од Велес

По свирепото убиство и самоубиство во Велес, во кој згасна животот на младата Росица Коцева и нејзиниот татко Киро Коцев, како и на нивниот убиец Илија Стефановски, и по бројните пишувања во медиумите и на социјалните мрежи дека убиецот подолго време ја прогонувал и напаѓал младата Велешанка, Обвинителство ги објави сите постапки против него. 

Се забележува дека има бројни пријави до МВР и покренати постапки против него, но сепак, и покрај тоа што психијатриско вештачење било утврдно дека нема душевна болест и бил способен да го препознае значењето на своите постапки, тој добил само условна казна, уште еден знак дека системот не ја заштитил. 

Денеска од Основното јавно обвинителство ги објавија сите дела за кој скопјанецот Стефановски бил пријавуван од Коцева, како и условната пресуда иако било јасно дека тој ја загрозува безбедноста на Росица Коцева.

- Основното јавно обвинителство Велес на 10.04.2025 година против осомничениот поднесе Обвинителен предлог за 2 настани: 

- Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година 

- Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената. 

Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената. 

На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда - се појаснува во соопштението испратено од Обвинителството до медиумите. 

Потоа додаваат дека „со решение му беа укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата остана мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството“.

- Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството се уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба. 

Во меѓувреме, на 21.05.2025 година оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18.05 се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. 

По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26.06.2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. 

По овие наредби МВР постапува - посочуваат од ОЈО. 

Потоа додаваат дека на 25.03.2025 година оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик. 

- Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. 

Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари. 

Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот.

Врз основа на тоа, обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува. 

На 09.09.2025 година, оштетената даде исказ во ОЈО Скопје и се изјасни дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот - се потенцира во соопштението на ОЈО. 

Овој редослед упатува на заклучок дека Стефановски ја убил Коцева само 5 дена по пресудата условна казна, или шест дена откако таа се изјаснила дека и понатаму сака кривично да го гони.