„Солун во молк за Кочани“: Погледнете како оддаваат почит
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“ на централниот плоштад „Аристотел“ за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои ја покренаа иницијативата направија 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, но и една минута молк за возачот на брзата помош, кој почина откако превезе голем број повредни лица.
„Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка“, пишува во повикот за собирот.
Идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.
Повикот за молк во Солун за жртвите во Кочани, го пренесоа и дел од грчките медиуми, пред сè солунските информативни портали, но и државната телевизија ЕРТ.