СТАНОВИ И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР ВО СТРУМИЦА, НО И ВИКЕНДИЦА ВО СУВИ ЛАКИ „НА РАСПРОДАЖБА“ – еве дел од имотот кој може да се откупи од банките

Два стана и деловен објект продава една од домашните комерцијални банки преку оглас поставен на нивната веб страна. Становите кои се продаваат заедно со деловниот објект се дел од новоградба во Струмица.
-Се продава деловен простор со станови во централното подрачје на Струмица, која се наоѓа на ул. П.Пешев бр. 18 Струмица, со вкупна површина од 228 метри квадратни. Година на градба: 2021. Опис: Предмет на продажба е деловен простор на приземје со површина од 57 метри квадратни, стан на приземје со површина од 71 метар квадратен +помошни простории од 14 метри квадратни и стан на КАТ од 72 метри квадратни и помошни простории од 14 метри квадратни, евидентирани во Имотен Лист 3975 за КО Струмица. Напомена: на лице место има изградено дополнителни деловни простории и станови кои се се запишани во Имотен Лист– се наведува во огласот на Шпаркасе банка.
Но, тоа не е се, напротив, продаваат деловни објекти и во Кочани, Тетово, Чаир – Скопје, како и во Кочани. На нивната листа на објекти кои се продаваат има и куќи во Струшко, Ѓорче Петров, Штип.
Веќе е познато дека разни деловни објекти, куќи или станови се продаваат преку домашните комерцијални банки. Дополнително на нивните листи на предмети за продажба има и делови од опрема за фабрики, како и украсни предмети, машини, опрема и разни други предмети. Нивната крајна цел е секако наплата на нефункционалните кредити, или поточно кредити кои корисниците од одредени причини не успеваат да ги вратат.
Ако се погледнат имотите во дел од банките во Македонија, кои се нудат на продажба ќе се видат дека на листите има куќи, од кои голем дел големи објекти, на два ката, но и многу недовршени објекти, започнати градби, чија замисла не била до крај реализирана.
Забележливо е дека дел од банките имаат повеќе објекти за домување на листите за продажба, додека други банки пак повеќе имаат деловни објекти, или разни машини, опрема за производство...
Но, меѓу објектите има и станови или простор каде може да се живее, секако по откуп на истиот.
Еден објект кој се продава преку УНИ Банка е викенд куќа во село Рустиново, поточно во Суви Лаки. Станува збор за објект со вкупна површина од 97 квадратни метри и земјиште со вкупна површина од 622 квадратни метри.
Стопанска банка пак нуди деловен објект „Вуле“ кој е целосно завршен и станува збор за понова градба.
-Деловен простор на 3 ката (адинистративен дел, магацин и изложбен салон) со површина од 1.316 метри квадратни и земјиште (со паркинг) во површина од 1.185 метри квадратни – пишува во нивната објава, а истиот го продаваат преку извршител Васко Блажевски. (линк)
Нивната понуда на станбен и деловни објекти кои ги продаваат е навистина импозантна. Може да се најдат голем број куќи, деловни објекти, недовршени деловни објекти, делови од куќи...
Дел од банките нудат голем број предмети на продажба, кои вклучуваат и недвижен и подвижен имот, но дел од нив имаат мал број на објекти на продажба.
Може да се забележи дека во понудата на банките има голем избор на недвижни објекти, во некои од банките доминираат деловни објекти, но има и такви каде се продаваат голем број приватни имоти. Кога станува збор за станови, а особено куќи кои се на продажба преку банките, истите чекаат подолг период. Дали станува збор за проблеми со имотните листови, или пак, за друг тип на проблеми, како што се големината објектот и неговата цена.
Банките се одлучуваат да стават имоти на продажба само како крајно решение. Најчесто тоа е резултат на неможноста на сопствениците навреме да ги вратат земените кредити во банката, кои потоа се одземени поради ненаплатени кредити и сега се нудат на продажба.
Недвижностите кои се продаваат од страна на банките во нашата земја според упатените не спаѓаат во имот кој лесно се продава. Се случува дел од објектите да чекаат години додека да добијат нови газди, па имотите стојат на списоците на банките подолг период.
За оние кои сакаат да купат имот или деловен објект по пониска цена, ќе мора да се потрудат во пребарувањето. Секоја банка на својата веб страна има список или листа од недвижнини кои ги продава.
П.О.
Фото: Принтскрин/Шпаркасе банка