Стар си онолку колку што те потрошил животот: „Јас сум млад старец!“

Социјалните мрежи може да се каже дека се место каде ќе сретнеме и видиме се.

Револтирани статуси, маки, заљубени девојки и момчиња, приказни за животот и реалноста, барања за донации и што ли уште не.

Овој пат наидовме на една интересна балканска приказна во која ќе се пронајдат сигурни сме и многумина од нашата земја.

Приказна за момчето кој поради секојдневието се чувствува како млад старец!

Почнува вака:

„Денес зборував со еден дечко кој има 36 години. Висок, згоден и паметен. Тој ми рече: „Јас сум млад старец!“

Го прашав од што е толку уморен?

 Па тој почна да зборува и тоа по овој редослед:

Уморен сум од тоа што 16 години ги поминав образувајќи се и седум години барајќи работа.

Уморен сум од тоа што на секои пар месеци одам во Биро за вработување.

Уморен сум од пишување CV-ња, прилагодувајќи ги за секое работно место на кое конкурирам.

Уморен сум од тоа што секогаш се напрегам да се претставам во најдобро светло.

Уморен сум од наместени разговори за работа.

Уморен сум од тоа што сум архитект, а живеам во пропадната куќа со пропаднат мебел, напукната фасада и кров кој одвреме-навреме прокиснува.

Уморен сум од тоа што не можам да најдам девојка.

Уморен сум од тоа што во суштина можам да најдам девојка, но таа не сака да дојде во пропаднатата куќа на пропаднатиот архитект. Девојките не го сакаат зборот „пропаднато“.

Уморен сум што уште од првиот состанок ме прашуваат какви ми се плановите за понатаму, што можам да и понудам и дали мислам да останам тука.

Уморен сум од тоа секој ден да си велам самиот на себе „ти не си пропаднат архитект“ и дека таа не беше вистинската девојка за тебе.

Уморен сум од мајката која секојдневно плаче над мојот живот како да ми фали нешто.

Уморен сум од тоа секој ден да мислам дека навистина ми фали нешто.

Уморен сум од реченицата: „Ќе биде подобро“.

Уморен сум од гледањето во часовник и броење колку години сум тука и колку од нив си заминале со ветерот.

Тогаш го прашав како би сакал да живее?

Тој ми одговори и тоа баш по овој редослед:

Сакам мајка ми да не плаче, туку да се смее кога ќе си дојдам дома.

Сакам куќата во која се враќам да не биде ниту поширока, ниту подолга, туку да биде сува и да има поправен покрив.

Сакам да се враќам од работно место на кое го ценат моето знаење и редовно плаќаат за него онолку колку што е потребно за да не се чувствувам понижено како некое куче.

Сакам да имам девојка со која нема да морам да се преправам дека сум некој друг. Ниту да се срамам што немам секогаш пари.

Сакам да сум заљубен.

Сакам да не морам да се лажам секој ден дека сум подобро.

Ете, ова ми го кажа еден архитект кој не може да најде работа и работи по скелиња, за да се прехрани себеси и мајка си.  Не му смета ни ветерот, но подоцна го чувствува во ребрата и коските, додека се тушира.

Ова е приказна за момчето кое од секојдневната борба се чувствува како млад старец или остарен млад човек.

Јас сум негова врсничка. И баш како и тој, често се чувствувам постаро и поуморно отколку што е нормално за моите години, иако сите ми велат дека изгледам помладо.

Видете, тоа со годините е зезната работа. И не мора ништо да значи.

На улиците се разминуваме со луѓе за кои само можеме да претпоставуваме колку години имаат. Затегнатата кожа или кожата која виси е само иузија која наведува на погрешен суд.“ 

ПОУКА: Стар си онолку колку што те потрошил животот.