Сте слушнале ли за македонското црно езеро?

Првпат од прогласувањето на Галичица за Национален парк во 1958 година и првпат од осамостојувањето, македонските граѓани добиваат ново природно подрачје со највисока заштита

Шар Планина, еден од најголемите планински масиви во Северна Македонија, е прогласена за национален парк. Со 66 гласови „за“ Собранието го усвои законот со кој планинскиот масив се прогласува за национален парк. Со тоа, земјава, првпат од прогласувањето на Галичица за Национален парк во 1958 година и првпат од осамостојувањето, добива ново природно подрачје со највисока заштита.

Шар Планина е дом на две-третини од растителниот свет во Северна Македонија и живеалиште на броен животински свет. Со нејзиното прогласување за национален парк, треба да се воспостави раководно тело со планински ренџери кои треба да се грижат за нејзината заштита.

Областа ќе биде поделена на подрачје на строга заштита, зона на активно управување и одржливо користење, како и таканаречена бафер зона, на која е предвиден развој на скијачкиот центар.

За дел од локалното население, новиот статус на планината ќе овозможи прилив на повеќе туристи, но и изградба на инфраструктура, како и електрично напојување и локални патишта.

Инаку, во Република Македонија има 25 од вкупно 39 планински глацијални езера на планината. Од нив дури 27 се на Шар Планина.

Најголемо е Боговињското езеро, се наоѓа на 1936 m н. в., има површина од 66800 m2, ширина од 225 m, должина од 452,5 m., длабочина од 4, 5 m, а при намален водостој, длабочината се намалува до 2,2 m. 

Второ е Црното езеро, се наоѓа на 2122 m н.в., има обем од 825 m, зафаќа површина од 33520 m2, долго е 248, а широко 185 m. Ова езеро е подлабоко и од Боговинското.

Трето е Караниколичко езеро или поѕнато и како Голем Ѓол. Toa е едно од поизразитите езера на Шара, на н.в. од 2180 m. Има површина од 26 240 m2, долго е 290, широко 115, а длабоко 5,5 m. Има обем од 675 m. 

Но Црното езеро е многу специфично и атрактивно.

Езерото лежи во длабодолинка која на север е ограничена од врвот Бориславец, на запад од Црноезерски Врв, од исток со еден гребен кој е висок 2.540 метри, а јужната страна е карпеста и безводна.

Во близина на езерото се забележуваат траги на затрупано езерце, низ чиј талог сега тече поток кој се влива во езерото. Се наоѓа на карпест басен со лесно достапни брегови, со мирни линии, со исклучок на северниот дел. На западниот дел се наоѓа една височинка на која е доградено бачило, па поради тоа езерото е изложено на таложење на животинскиот измет. Поради тоа, овој дел од езерото е нечист и каллив. Голем дел на плитоците се уништени и обраснати со шамак и други растенија.Ова езеро има голем туристички потенцијал.

Езерската вода е бистра со затвореносина боја. Поради поголемата длабочината и каменесто дно од далеку езерото има потемна (црна) боја, заради што е и наречено Црно Езеро за разлика од поплиткото Бело Езеро со тињесто дно. 

Вода добива од крајбрежните извори и од врнежи и топење на снегот, а ја губи со испарување и преку утоката наречена Матени (Матене) што се влева во реката Маздрача.