Страдањата на мајката која гледа како децата ѝ умираат, а е немоќна да го спречи тоа

„ПИРЕЈ“ несомнено, за многумина, е најголемиот македонски роман. Се работи за вистински класик во македонската книжевност, кој ретко се надминува. Она што ги издвојува класиците е што истовремено носат универзални пораки, но и совршено го доловуваат времето во кое се сместени.
Страдањата на мајката која гледа како децата и умираат, а е немоќна да го спречи тоа, како и раните кои војните ги оставаат врз оние кои учествуваат во неа, особено не по своја волја. Истовремено, „Пиреј“ е длабоко испреплетен со македонската историја, тој е записник на едно тешко и мачно време за македонскиот народ, кога се случувало и двајца браќа да стојат на двете спротивни завојувани страни. „Пиреј“ е еден вид книжевен споменик на страдањата на македонскиот народ и тажната историја преполна со трагедии и растргнувања.
Прекрасниот начин на кој Петре М. Андреевски ја гради оваа приказна, како раскажува еден цел период од македонската историја, раскажан од два различни светогледа: оние на Јон и Велика е она што го прави уште поуникатен. Уште со своето издавање во 1980 година, „Пиреј“ се искачи на тронот на македонската книжевност и стои како најсилна ѕвезда.
Во продолжение, прочитајте избрани извадоци од оваа неверојатна книга...
~ „Човекот со плач иди на светов и со плач си оди од светов.”
~ „Богат не е тој што има пари, вели, туку тој што нема сиромашна душа.”
~ „Брза е младоста, човече, ко вода истекнува.”
~ „Така секој со секого се клеветевме и се виде дека од човекот немало поголем нечовек.”
~ „Само на човек роден во пролет, вели Велика, дрвцата му се фаќаат како пиреј. Ниедно не го прескокнува.”
~ „Помошта на луѓето ти дава надеж и крилца.“
~ „Сè се прави и сè се поправа дури си млад, вели, а после само ги жеволкаш годините.”
~ „За држава треба цар, даскали, доктори, писари, вели војводата, а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште, вели.”
~ „Ум недоветлив, човечки.”
~ „Животот е една една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчам. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот гаѕер. Кај што ќе заврши и нашето тркалање. Нашето постојано паѓање.”
~ „Пред малку само трчавме еден кон друг: и од едната страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши луѓе.”
~ „Не е разликата во зборовите, вели Витомир пувкајќи со цигарата, туку во луѓето што ги кажуваат тие зборови.“
~ „Луѓето се исти“, велам јас, „ама умот не е ист во луѓето.”
~ „Ние, за умен човек имаме само еден збор, велам, којзнае зошто, ама за умен човек немаме повеќе зборови. Сигурно дека умните луѓе се малку, велам, па малку се и зборовите за нив. За лош човек имаме многу зборови, велам, колку што има лоши луѓе, толку и лоши зборови.”
~ „Добро, бре, Витомире, му велам, може ли коњот да биде вол само со тоа што ќе му го смениш името, како мене што ми го сменија презимето. Ајде кажи, ако си човек, му велам.”
~ „Секој мисли дека е најубаво она место кај што се родил.”
~ „Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува.”
~ „Лошото време го прават лошите луѓе.“
~ „Човекот најмногу не верува кога се сомнева во себеси.”
~ „Не знам како е поарно да се умре: Намерно, како јунак, или ненамерно, како згазена бубачка.”
~ „Срцето најмногу открива, тоа не знае за стратегија, си мислам, тоа е предавник.”
~ „Стравот е страшен само за оние што му се плашат.”
~ „… ама човек не треба во ништо да верува и најубаво му е на оној во ништо што не верува, во ништо што не се надева, барем него ништо не може да го изненади…”
~ „Нам, на селаните, среќата ни е променлива, а несреќата постојана.”
~ „Племето наше е пиреј, вели Лазор Ночески, и не го ништи ниедна војска и ниедна болест. Пиреј е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, вели, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева, вели.“
~ „Нели си родено женско – колнато си. Уште мајка ми велеше: „кога се раѓа женско и стреите плачат.“ Јас тогаш не знаев оти така ми вели така мајка, ама сега знам…”
~ „Ебати народот кој само бега, а на сè да ти завидува.”
~ „Многу луѓе загинаа, а не знам зошто загинаа. Ама времето е такво. Секој си вели: оти јас да умрам, нека умре оној што сака јас да умрам. Ако беше убава смртта и господ ќе умреше. Или и тој умира со луѓето, со секој човек?”
~ „Што да правиш: од лошо има и полошо. Грешни мисли во грешни луѓе.”
~ „А кога е осамен, а не сака сам да биде, ќе почне да си зборува со себеси: се борев, прашува, се бореше, сам си одвраќа. А за кого се борев, прашува, за кого и против кого, прашува, кој е поразениот, се прашува, ама одговор сега не си дава.”
~ „Дури бев млад, вели, мислев дека секогаш ќе има време за она што го немам. Ама времето било лажовно, вели, курва било времето. Сè на превара ми зеде, вели, и сега назад не можам, а за напред уште понеможам. Не ми отвора пат за напред.”
~ „А тој само си ја спомнува раната. Големата рана што не се гледа. Само големите рани не се гледаат и не се догледуваат. Си знам јас по мене. Не се догледуваат оти се во душата, а душата е секаде до кај што ти стасува умот.”
~ „Им ги менуваме презимињата. Не може кој како сака да мака. Клаваме ред. Им кажуваме како треба да се викаат. Внесуваме култура прва. Народот е ослепен и оглувен од страв и треба да му се каже кон кај треба да гледа и што треба да слуша.”
~ „Било-поминало, велам, живот брз: на една врата влези, на друга излези. Толку има животот, велам, толку. И кога ќе те прашаат:
– Која беше?
– Никоја.
– Кај си била?
– Никаде.
– Што направи?
– Ништо.
– Толку е животот, Стојно златна, велам, толку…”
~ „Ама подобро е да си ја познаваш несреќата, вели, отколку во непознато да си ја бараш среќата.“
~ „И рече: „дојде време да се убива брат со брата и никој да не гледа ни пријател, ни роднина. Ебати животот, рече, кога мораш ваков народ да имаш што не те гледа за ништо.”
~ „Косата и да му побелува, срцето не може да му остари, си мислам.”
~ „Од цел свет бесот кај нас завршува.”
~ „На сиромав, вели војникот, ни сиромаштијата не можеш да му ја земеш.”
~ „Куршумот не прашува кој си, што си, од кај си. Гранатата – ич.”
~ „Не плачеме, вели, тоа дождот ни тече по образите.”
~ „Значи, мракот е само кај луѓево, до кај што држат буките. Над врвот од буките е сè запалено, илјадници кандила од илјадници души си светат. Си намигнуваат.”
~ „Е, времето не врви само кога имаш мака. Кога ќе ти позацелат болките, и тоа е јуда. Ти бега како вода.”
~ „На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш.”
~ „Мене господ ме остави, велам, а човекот бил амбар, сè можел да собере.”
~ „Покрај болката од чедото, мајката ја заборава својата болка.”
~ „Дури има луѓе, ќе има и војни.”
~ „Кога времето е облачно и луѓето се облачни.”
~ „… и јас ќе одам да прашам, што ќе стане со Македонија, велам, Македонија е долга и широка, ми вели полковиот, и за Македонија одговор сега нема, одговорот е во вас, сичките нас, благодарам му велам, коњите се тепаат, а магарето го јаде ќотекот…”
~ „… не знам кај беше ова и не знам кога беше, јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа, ќе ја посееш жито, а кукавици ќе ти никнат.”
~ „…пријателот ти е роднина кого самиот си го одбираш.”
~ „Тој пие со власта, вели, оти власта пие без пари.”