Струмички колекционер има цела соба стари предмети, повеќето со мотиви од Југославија
Марјан Христов од село Смолари, во Општината Ново Село со колекционерство се занимава повеќе од 10 години.
Тој собира телефони, радија, грамофони, грамофонски плочи, касети, книги, разни предмети, месингани, бакарни, дрвени, порцелански, стаклени, банкноти, визит-карти, пенкала, запалки, привезоци, црковни календарчиња, часовници, значки.
Христов вели дека има од сè по нешто од она што се колекционира во светот.
„Не продавам сè,туку само тоа што го имам веќе во колекцијата или правам размена, а со парите од продадениот предмет купувам други што ги немам. Имам доста предмети ако сметаме сè, имам преку 3.500.000 предмети разни. Имам просторија, повеќето се наредени на рафтови и витрини, а некои се во кутии. Купувам од луѓе, некои ми подаруваат и така доаѓам до предмети“, вели овој колекционер.
Мотив да се занимава со оваа работа му била Југославија, а за себе вели дека е голем обожавател на Јосип Броз Тито и така почнал да се занимава со оваа работа.
„Омилени ми се значките, медаљите, статуите, знамињата и предметите користени во тоа време, банкноти, монети и сè што е „made in Yugoslavia“, вели Христов.
Располага со над 5.000 книги од домашни, но и странски автори.
„Повеќето се од македонски писатели и нив ги обожавам. Имам и од странски писатели преведени на македонски, имам српски, германски, австроунгарски, руски. Најстарата книга е мислам некаде од 1870 година или порано“, додава Христов.
За ова што тој го прави, додава дека некои му се восхитуваат, други му честитаат, а има и такви кои не ни забележуваат дека е колекционер.
Христов објаснува дека во Македонија има колекционери, но има и доста луѓе кои тргуваат со стари предмети.
За себе вели дека и во иднина ќе се посвети на колекционерството, додека може тоа да го прави. Но, овој ентузијаст на шега додава дека повеќе нема место за чувањето на антиквитетите.
Сања Атанасовска