Сум посетил над 100 хотели: Со Спасе Јовановски за патувањата
„Патувајте: секогаш, а особено кога сте млади. Не чекајте да имате доволно пари или кога работите „ќе дојдат на свое место“. Тоа никогаш не се случува. Извадете го пасошот уште денес“.
Во денешното интервју за патувањата, авантурите, и доживувањата, за најубавите места и интересни анегдоти зборуваме со Тв презентерот Спасе Јовановски.
Ни открива дека досега има посетено над 100 хотели, а без мини аптека не оди на ниту едно патување. Вели дека патувањата го збогатуваат, а земја која е на неговата листа за посетување уште како мал, сѐ уште е Њујорк.
*Колку хотели си посетил досега?
-Благодарение на Лила, која ме внесе во Инстаграм бизнисот и презентирање на хотели имам посетено и спиено па искрено за овие 6 години во не знам... еве да не претерам преку 100 хотели.
*Колку може да се каже дека патувањата те менуваат, како личност и зошто?
- Патувањата те збогатуваат, со секое патување имаш можност да запознаеш нови култури, нови обичаи, нови занаети, храна. Не сакам да одам само во хотел, да се сместам и да не мрднам од плажата. Сакам да го истражам местото, да научам што е можно повеќе за него.
*Топ три работи кои мора да ги имаш со себе секогаш на летување или подалечно патување?
-На секое патување јас носам мини аптека (за секој случај) досега фала му на бога, освен лесна главоболка за друго не сум ја искористил оваа моја мини аптека која има баш сѐ, од апче за глава, спреј против убоди, иритации, изгореници, маски, серуми...
Другиот несесер ми е резервиран за личната хигиена, ништо специјално... шампон, гел за туширање, парфем и антиперспирант.
Единствено што ми недостасуваше е пегла, и оваа сезона земав една мини практична пегла на пареа со која алиштата ми се под конец.
*Кој град ти оставил досега најдобар впечаток? Кои луѓе, култура или обичаи те воодушевиле, а кои не ти се допаднале воопшто?
-Во свежо сеќавање ми е Кападокија, местото само по себе е како во една бајка, како едно заборавено место кое со помош на мештаните повторно се разбудило.
Мојата хотелска соба на пример, беше поранешна црква, во спалната немав прозори, имаше некое амбиентално светло и сѐ беше во карпа.
Глетката на балоните е спектакуларна, ама јас не се качив да летам, затоа што сметам дека тоа не е за мене...
Богата култура, подземни градови длабоко под земјата, занаети, вкусна храна...
*Дали навистина се потребни многу пари за да се патува низ светот?
-Зависи, ако сакаш да уживаш во луксуз и да си ја купиш приватноста треба да издвоиш мало богатство. На пример, кога го посетвиме хотелот МАНДАРИН, во него ноќевање чини од 2000 до 6000 евра по ноќ, и тоа само со појадок, од друга страна на Инстаграм, видов една група која за 1000 евра помина 10 дена на СЕЈШЕЛИ но, спиеја во шатори... И во тоа има убавина.
Кога имате можност, патувајте без никакво размислување, патувањата ја хранат душата и умот.
*Која е следната дестинација што те чека?
- Не знам што ни подговила нашата пријателка Мими од туристичката агенција, но сигурно ќе биде некоја интересна дестинација.
*Се сеќаваш ли на твоето прво патување?
-Јас се радувам на секое патување како да е прво. Како дете, се радував на секоја екскурзија која што ќе ни ја подготвеа, па макар била и до Гази Баба. Ќе го натоварев ранецот со разни грицки сокови, и ќе уживав во природата. Првото патување ми е во Бјелина кај мојата баба на 3 години, тогаш сум се запознал со сточарскиот живот кој не баш ми се допаднал.
*Сподели со нас некоја интересна анегдота или случка што ти се случило на некое патување?
-Еве последнава кога се испружив колку што сум долг во еден хотел.
Со Лила бевме во Бодрум на една преубава плажа, се пиеја коктели, имаше музика едноставно пуштен мозокот на пасење. И сега од овој хотел, се селиме во друг, каде што домаќините нѐ очекуваат на ручек. Стигнуваме до хотелот, и Лила сфаќа дека и ја нема чантата, во која што има сѐ, од лични документи, пари... Јас гледам во нејзиниот загрижен лик, трчаме кон возилото да нѐ однесе до другиот хотел, и во целата таа паника, јас се сопнувам и паѓам на мермерниот плочник. Па мислам дека направив земјотрес во хотелот ( се смее)
Но, за среќа чантата беше пронајдена, а јас замислете завршив без ниедна гребаница.
*Неостварено патување, земја или дестинација која не си ја посетил, а би сакал?
Не знам зошто би сакал да го посетам ЊуЈорк, некако ме влече од мал, сето тоа лудило, таа асвалтна џунгла, тие високи згради. Од друга страна, сакам да ја посетам Невада и областа 51, или пак Амазонската џунгла, како и да е... Само нека се патува!
Ирена Ставрова