Свечено отворање на новата книжарница на „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ – Literatura.mk Superstore

Скопје ја доби најголемата книжарница во Македонија! Новата суперпродавница на „Литература.мк“, која е со површина од 500 м², свечено ќе биде отворена вo среда (20.05.2020) во 20 часот, во соработка со „Скопје сити мол“. Во чест на отворањето на Literatura.mk Superstore концерт ќе одржи ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО. Ексклузивниот настап на македонскиот гитарски виртуоз, придружуван од неговиот син Јан Стефановски и младиот басист Иван Кукиќ, ќе може да се проследи онлајн, преку фејсбук-профилот и јутјуб-каналот на „Литература.мк“.

Новата суперпродавница на „Литература.мк“ е дел од големиот двегодишен проект на „Скопје сити мол“, кој започна во октомври 2019, сè со цел збогатување на содржините и подобрување на понудата што им ја нуди на своите посетители.

Книжарницата, која има богата понуда на книги за сите генерации на неколку јазици, програма за подароци, канцелариска и училишна опрема, играчки и кафе-бар, е сместена на вториот кат на „Скопје сити мол“, на местото на некогашната игротека, на неколку метри од досегашниот продажен простор на „Литература.мк“.

Ова е седма книжарница на „Литература.мк“, по веќе препознатливите продажни места на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Веро центар“, Градски трговски центар (ГТЦ) и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје и на „Широк сокак“ во Битола.

Во новиот продажен простор „Литература.мк“ ги носи светските книжарски трендови, задоволувајќи го вкусот и на најпребирливите вљубеници во книгата. Како и останатите книжарници „Литература.мк“, така и новата суперпродавница ќе ја збогати понудата на македонската книжевна сцена со најбараните светски и домашни наслови од „Арс Ламина“ и останатите издавачки куќи кај нас. Ќе биде застапен голем избор од белетристиката, книжевноста за деца и стручната литература, на македонски, албански, англиски, германски и на француски јазик.

Во архитектонски модерно дизајнираниот простор се застапени повеќе содржини: канцелариски материјал, школски прибор, дидактички и едукативни и изданија, но и помагала за уметност и дизајн, како и рачни изработки. Посебен акцент е ставен на гифт-програмата, во која покрај производите од добро познатиот бренд „Скрипти“ (нотеси, планери, чаши, маички, картички магнети и друго) ќе може да се најдат и луксузни подароци, дизајнерски производи за во домот и за во канцеларија.

Во книжарницата има и широка понуда на играчки за деца, од 0 до 14 години, од повеќе познати светски брендови како: „Клементони“ (Clementoni), „Манопулос“ (Manopoulos), „Бонтемпи“ (Bontempi), „Коби“ (Cobi), „Креатив“ (Creativ), „Енџино“ (Engino), „Ви-кјуб“ (V-cube), „Италери“ (Italeri), „Анимал пленет“ (AnimalPlanet) и „Фор ем“ (4M).

Еден од најзначајните новитети е кафе-барот, којшто ќе биде во функција кога ќе има дозвола за работа на локали од ваков вид во затворени трговски центри. Кафулето на „Литература.мк“ ќе опфаќа 60 m² од внатрешноста на продавницата и 100 m² на терасата. Тоа ќе биде првиот локал каде што ексклузивно ќе биде застапено едно од најдобрите кафиња „Кафе Италија“ (Café Italia), кое во кафе-книжарницата ќе може да се најде и како ребрендирано во „Кафе Литература“ (Café Literatura).

По повод официјалното отворање на книжарницата ќе има промотивна акција со 30 % попуст на сите изданија на „Арс Ламина“, и подарок книга за секоја сметка во период од 20 мај до 1 јуни (до исцрпување на резервите).

Продажниот простор на „Литература.мк“ ќе работи согласно работното време на „Скопје сити мол“.