Сведоштво за Свети Преображение: Тоше го бакна ѕидот од Mанaстирот и рече: Овде ми е мирот и знам дека после сѐ, ќе завршам тука
Издигнат на ридот на височина од 1.600 метри, манастирот Свето Преображение во близина на Крушево ќе го доживеете како сонце што продира низ облаци, откако ќе ги совладате серпентините опколени со нескротена природа, кои водат до него. Во темелите на духовниот храм, највисок на Балканот, сместен во пазувите на Бушева Планина и Бела Вода, со векови се вѕидувани различни верувања, привиденија, легенди. Повеќепати бил граден и уриван, но успеал да му одолее на времето.
Чувството на мир и спокојство за миг ќе ви го наруши и тагата, кога ќе го видите каменот со крст од десната страна при влезот во храмот. Тој е сведок на бакнежите, молитвите и желбите на Тоше. Сведок на едно време кога музичката легенда поминуваше часови пред него, за да го пронајде својот духовен мир. Колку овој манастир му значеше на Тоше и колкава беше неговата желба да го добие сегашниот лик , сведочи и тимот на тогашната Аворд продукција во состав Горан Наумовски, Гоце Кралевски, Горан Стојилковиќ и Владимир Стојчевски, кој ја снимаше документарната серија „Пет години Балкан“, посветена на кариерата на македонската легенда. Велат дека соработката со Тоше им е прекрасно искуство, а најемотивно ги доживеале сцените кои ги снимале во манастирот Свето Преображение.
- Тој ден времето беше врнежливо во Крушево. Како што се доближувавме до манастирот, сѐ повеке врнеше снег. Автомобилот застана на едно место и моравме да го туркаме за да стигнеме до него. Тоше почна да ни раскажува дека неговото семејство уште одамна почнало да го обновува манастирот, камен по камен заедно со пријателите од Крушево. Секој негов збор беше одмерен. Од погледот се гледаше дека го сака тоа место и дека сѐ би дал да се обнови. Внатрешноста на манастирот немаше фрески. Запаливме свеќи и полека се подготвувавме да си одиме. Кога излеговме, во еден миг Тоше се сврте, го бакна ѕидот до влезот на црквата и рече: „Овде ми е мирот и знам дека после сѐ, ќе завршам тука“. Тоа го кажа искрено и од срце, со надеж дека манастирот ќе се обнови. Се погледнавме меѓу себе, а еден од нас го кажа тоа што сите се запрашавме во тој миг: „Што зборува Тоше, каде ќе заврши, има уште многу да даде, пред него е блескава кариера?“ – откриваат од тимот.
Документарната серија „Пет години Балкан“ се снимаше во почетокот на 2007 година. Сценарист и режисер на серијата е Огнен Неделковски.
Соња Алексоска Неделковска