Тајкун вреден 10 милијарди евра сака да го посвои својот градинар и да му го препише богатството
Пуех, 80-годишниот Французин и главен акционер на Хермес, сега сака да го посвои својот поранешен вработен за да може да го именува за негов наследник. Се верува дека Пуех има помеѓу 5 и 6 проценти од луксузниот француски бренд за кожа Хермес бидејќи е внук на основачот на брендот.
Тој сака да го прераспредели своето богатство на поранешниот градинар и мајстор, 51-годишен маж од скромно мароканско семејство, пишува „Tribune de Geneve“, пренесува „Еуроњуз“. Според магазинот „Bilan“, кој годишно ги рангира 300-те најбогати поединци во Швајцарија, неговото богатство се проценува на меѓу 9 и 10 милијарди швајцарски франци или меѓу 9,4 и 10,4 милијарди евра.
Еуроњуз пишува дека Пуех живее во Вале, Швајцарија и наводно веќе презел чекори за реновирање на неговиот имот и ангажирал адвокати кои ќе му помогнат во процесот на посвојување. Иако не е невозможно да се посвои возрасно лице во Швајцарија, постапката сепак е комплицирана и е опишана како „необичен потфат“.
Компликации се појавија и поради веќе постоечкиот договор за наследство што Пуех го потпиша во 2011 година со фондацијата „Исократ“ со седиште во Женева. Фондацијата призна за АФП дека дури сега биле свесни за желбата на Пуех да го откаже договорот и рекоа дека не знаат за какви било алтернативни аранжмани.
Извор: www.index.hr