Токму кога го освои светот - го напушти: Една година од смртта на Чедвик Боузман, неповторливиот црн пантер
Пред точно една година нѐ напушти актерот кој туку што почна да му покажува на светот што умее...
Кон крајот на август, минатата година, светот беше во шок - Чедвик Боузман, актерот кој го одигра еден од најавтентичните и највпечатливите херои во „Светот на Марвел“ и од кој се очекуваше многу, почина.
По завршените студии во Њујорк, во 2000 година ја започна актерската кариера во театар и на телевизија, но вниманието на пошироката јавност го привлече дури во 2013 година, со улогата на бејзбол легендата Џеки Робинсон во филмот „42“, а ја глумеше и легендата на соулот Џејмс Браун, во филмот „Get on up“ во 2014 година.
Тој во 2016 година потпиша договор со Марвел за улогата на кралот Т'Чала - „Црн Пантер“, а во познатиот црн костим првпат се појави во третото продолжение на серијата „Капетан Америка“, додека во 2018 година неговиот крал Т’Чала доби свој филм, наречен „Црн Пантер“. Ова достигнување стана голем хит во кината, со заработка од 1,3 милијарди долари, и беше номиниран за седум Оскари. Боузман во кариерата уште двапати го глумеше Црниот пантер, во последните два дела од серијата „Одмаздници“, а новиот филм за овој нетипичен херој светлината на денот треба да ја здогледа во 2022 година.
Познатиот актер долго време се бореше со ракот на дебелото црево, и како борец каков што беше на екраните и приватно, Чедвик продолжи да работи за време на лекувањето, а деталите за неговата борба ги држеше подалеку од јавноста. Филмовите „Marshall“ и „Da 5 Bloods“ и многу други се снимени помеѓу бројни операции и хемотерапија.
Почина на 28 август, на 44 -годишна возраст, во својот дом во Лос Анџелес, а сопругата и семејството беа со него во последниот момент.
Постхумно го освои Златниот глобус за најдобар актер во драма, шест месеци по неговата смрт, за улогата во филмот „Ma Rainey's Black Bottom“, а наградата ја презеде неговата сопруга Тејлор Симон Ледвард. Нејзиниот говор беше најемотивното нешто на доделувањето, а многумина на социјалните мрежи признаа дека плачеле додека ја слушале, а плачеле и колегите на починатиот актер.
Низ солзи, таа посочи дека Бозман, ако бил со нив таа вечер, ќе им се заблагодарел на Бога, на неговите родители и предци, како и на неговите колеги.
„Тој би рекол нешто убаво, нешто инспиративно, нешто што би го засилило тој мал глас во сите нас што ни кажува дека можеме да направиме нешто и дека треба да продолжиме понатаму...“ - рече Тејлор, а потоа додаде: „Ги немам неговите зборови, но мора да го искористиме секој момент за да ги прославиме оние што ги сакаме.“
фото: Profimedia