Уште еден доказ: 2020 година е дефинитивно катастрофална година

Оваа година веројатно ќе биде една од трите најтопли, предупредуваат од ООН и додаваат дека постои можност до 2024 година да има привремен пораст на температурата над прагот од 1,5 степени Целзиусови, утврден со Меѓународниот климатски договор од 2015 година во Париз.

Температурата руши рекорди од година во година, а деценијата 2011-2020 година ќе остане најтопла досега, со шест најтопли години од 2015 година, се вели во извештајот на Меѓународната метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима.

„За жал, 2020 година е уште една извонредна година за климата“, рече генералниот секретар на организацијата, Петери Талас.

Од јануари до октомври, глобалната просечна температура беше околу 1,2 степени Целзиусови повисока од референтниот период 1850-1900 година, така што 2020 година ќе биде една од трите најтопли години.


Проценката на организацијата се заснова на пет групи на податоци, кои ја рангираат 2020 година како втора најтопла година, по 2016 година и пред 2019 година.

Се додава дека екстремната топлина, пожарите, поплавите, зголемената киселост на океаните и рекордната сезона на урагани во Атлантикот сведочат за продолжување на климатските промени.

Најголем пораст на температурата има во Северна Азија, особено во сибирскиот дел на Арктикот, каде што беше потопло за повеќе од пет степени од просекот.

Топлината во Сибир беше најголема на крајот на јуни, со 38,0 степени во Верхојанск на 20 јуни, што во моментов е највисока температура измерена северно од работ на Арктичкиот круг.

Сезоната на шумски пожари, која опустоши големи области на Австралија, Сибир, западниот брег на САД и Јужна Америка, беше најактивна во последните 18 години.

Покрај тоа, „поплавите во делови на Африка и Југоисточна Азија предизвикаа масовно раселување на населението и ја загрозија безбедноста на храната на милиони луѓе“, забележа Талас.


Можеби ќе ве интересира:

Се сруши најголемиот радиотелескоп во светот: Барал вонземјани и шпионирал Руси (ФОТО)