Вечнотото прашање - Денот на вљубените или Свети Трифун? Полемика која ги дели Македонците
Секоја година на 14 февруари Македонците имаат дилема кој празник да се слави.
14 февруари е денот кога се слави Свети Трифун во православието, но и Свети Валентин во римокатолицизмот, додека индустријата го слави Денот на вљубените. Кога ќе осамне 14 февруари, во земјава се прашуваме што да правиме, дали прво да му се помолиме на Свети Трифун или Свети Валентин или да обрнеме внимание и подарок на саканата личност, честитајќи ѝ го Денот на вљубените. Така на Редит се појави видео анкета каде младите одговараат кој празник го слават денес.
На видеото имаше многу реакции, главно сите ги коментираа маладите,но имаше и такви на кои прашањето им беше бесмислено.
„Малку бесмислено прашање. Свети Трифун ќе го слави тој на кого тоа е слава на крштевањето, не сите ние го славиме тој ден како на пример Божиќ. Денот на вљубените овде е секуларен празник (според мене. глупаво ама ок) и не гледам како е во конфликт со Св.Трифун и дека не би можело да се слави ниту едното или двете. Мислам немаат никаква врска меѓу себе освен што се на ист ден. Иако можеби ова форсирање на инаетот на Денот на вљубените ќе доведе до нова традиција помасовно да се слави Свети Трифун, да речеме со пиење вино и слично. Тоа во принцип не е толку лошо“, напиша еден корисник на Редит.
„Денот на вљубените е всушност капиталистички празник“, „Јас го славам Свети Трифун, не славам затоа што славата ми е Свети Никол. Ако ве интересира некој навистина се грижи, за тоа не ви треба Денот на вљубените“, се дел од бројните коментари.
Свети Трифун и Свети Валентин
Православните верници и Македонската православна црква денеска го одбележуваат споменот на Свети Трифун. Овој светител, Свети Трифун, живеел во 3 век од нашата ера во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудесен дар на исцелување и дека со него успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зли дух“.
На овој празник се закројуваат лозјата.
Свети Трифун или Денот на вљубените?
Постои верување дека ако на Свети Трифунврне снег или дожд, тоа ќе биде врнежлива и плодна година, ако е ведро, годината ќе биде сува и неплодна. На овој ден лозарите одат по лозјата, ги закројуваат лозите и ги наводнуваат лозите со вино, за да ја вратат ослабената цврстина на лозјето по долгиот зимски период. Винарите во земјава најмногу го слават овој светец бидејќи веруваат дека тој ќе ги заштити нивните лози од сите инсекти.
Лозарите велат дека е „правилно“ на денешниот празник да се исече барем една гранка од лозата и да се полее со вино - за да биде годината плодна, а виното да биде слатко од есен.
Се верува дека ако падне снег или дожд на Трифундан, тоа ќе биде врнежлива година. Ако е ведро, годината ќе биде сува и неплодна. Исто така, се верува дека по овој ден зимата полека почнува да стивнува - на својот празник Свети Трифун закачува кол во земјата и снегот почнува да се топи. Со овој ден доаѓа пролетта, за да се разбуди природата и највозвишеното чувство кај луѓето, љубовта.
Обичајот за прославување на Денот на вљубените на 14 февруари потекнува од времето на античка Грција и Рим, кога се славеле божествата на плодноста и заштитниците на светоста на бракот. На Денот на вљубените, обичаите се различни и се повеќе се поврзуваат со потрошувачкото општество, додека во православните цркви и во православните домови на Трифундан се почитува вековната традиција на црквата.
Фото: денови.мк/католици.мк