Викајте се и Нова Каледонија, јас пак сум ви земјак: Се сеќаваме на концертот на Балашевиќ во Скопје

„Не знам дали да ви се обратам со: Драги мои од бивша Југословенска Република Македонија или драги мои од Илинденска Македонија, или во меѓувреме можеби се договориле за некое друго име? Викајте се и Нова Каледонија ако сакате, јас пак сум ваш земјак, вие сте мои земјаци. Добровечер Македонија“, рече Балашевиќ на концерт во ВИП Арената во Скопје во организација на „Авалон“, кога прослави 40 години од својата музичка приказна, во мај, 2018 година.

Секое ново доаѓање во Скопје беше нова приказна, ново шоу: романтична сценографија, богат музички настап со врвни и симпатични тамбураши од неговиот крај, плус неговиот постојан бенд. 

Меѓу баладите кои расплакуваат, шегите кои до солзи насмејуваат, и веселиот и страстен чардаш кој ја крева публиката на нозе, кај Балашевиќ немаше средина. Токму тоа беше убавото во неговите концерти.

При крајот, таа вечер рече дека имал само едно знаме, тробојнo, со црвена петокрака. Сега има повеќе знамиња, а кога би направил свое, би било со многу ѕвезди, посветени на публиката. На видео бим, неколку пати се покажа фотографија од неговата ѕвезда водилка за која ги напиша песните „Провинцијалка“, „Оливера“, и многу други, сопругата Оливера. 

 „Зборуваме на различни јазици, но каде и да одам, во регионот, срце се вика исто-срце, во сите земји“, ни овој концерт не помина без познатата реченица на Ѓорѓе за крај. 

Поминаа три ипол часа, дојде полноќ, а Скопје бараше уште. Балашевиќ не се врати назад. Остави простор за ново дружење наскоро, за кое не мора да има ни повод, ни јубилеј...


Милица Џаровска, Мај, 2018 година
линк од целиот текст ОВДЕ