Влог во убавина, но и во образование: Светлана Црнокрак има две факултетски дипломи
Најубавата Македонка Светлана Црнокрак, од мала посакувала еден ден да стане докторка. Да им помага на луѓето, да ги лекува. Но, за жал овој сон не се остварил и останал длабоко потиснат во неа.
- Кога завршив основно училиште во мојот роден град Гостивар, во тоа време постоеше медицинско училиштево Тетово и беше навистина тешко да се запишеш, бидејќи примаа ограничен број на ученици, а интересот беше голем. Успеав да се запишам и навистина бев пресреќна. Беше тешко и напорно, особено што секојдневно патував, понекогаш дури и по двапати во денот, кога имав и практични вежби. Време за учење имав само навечер, па дури и доцна во ноќта. Но не ми пречеше, бидејќи љубовта кон медицинатабеше посилна. Го избрав смерот акушерка. За мене тоа беше посебно чувство, посебно доживување, особено кога на свет доаѓаат здрави бебиња. Иако морам да признаам дека кога прв пат на пракса видов како изгледа едно породување, дојдов дома вознемирена и на мајка ми ѝ кажав дека никогаш нема да рaѓам деца. - открива Светлана на почетокот од разговорот и дополнува дека со времето се навикнала и научила многу други работи во таа област и воопшто во медицината.
- Имав прекрасни професори, врвни доктори, инструктори по пракса и навистина беше многу строго и се бараше знаење. Мојата желба сѐ повеќе растеше и затоа решив да продолжам на медицинскиот факултет, а потоа и на специјализација гинекологија и акушерство. Но, не успеав. Во тогашно време да се запишеш на медицински факултет во Скопје беше навистина тешко, посебно за тие од внатрешноста и да не зборуваме. Требаше да се има или доста јаки врски или да бидеш дете на родител доктор. Таквите имаа предност. За жал, го немав ниту едното, ниту другото, освен знаењето и преголемата љубов кон оваа професија. Ме примија со партиципација, сума која навистина беше голема, моите родители не беа толку имотнии не бев во можност да продолжамсо студии таму каде што сакав. Без никаков прблем со истите мои максимално одработени приемни тестови почнав да студирам на ПМФ, отсек биологија - хемија, најблиску со медицината, а најдалечно за мене. Тогаш ми се скрши желбата, се разочарав. На тој факултет студирав само една година. Потоа најприближно нешто, за кое не требаше врски и финансии, беше вишата школа за радиологија, се запишав таму, завршив, но никогаш не се обидов да го работам тоа. – вели таа.
Во меѓувреме почнала да се занимава и со манекенството, но сепак студиите ѝ биле на прво место. Се преселила во Скопје, се омажила, а подоцна со сопругот Мики го отвориле Модното студио Црнокрак. Низ годините со работата и искуството поминато, нејзина професијастанаа манекенството, модата, презентерството и јавниот свет.
- Како долгогодишни соработници со УТМС, пред седум години добив можност да одберам и да студирамна тој факултет. Ја избрав токму таа професија, дипломирав односи со јавност и ПР и навистина сум им многу благодарна. Среќна сум и исполнета што ја работам оваа професија, но мора да признаам дека длабоко во мене ќе остане врежан еден детски неисполнет сон. – завршува Црнокрак.
С.А.Н.