Водоча – Вади-очи: Страшната приказна за македонскиот манастир
Легенда за потекло на името Водоча
По Битката на Беласица (29 јули 1014 г) која била решавачка битка помеѓу војските на царот Самоил и византискиот цар Василиј II. По наредба на византискиот цар биле ослепени 14 000 Самуилови војници, при што на секој стоти војник му било оставано по едно око за да ги води останатите. Кога царот Самоил ги видел своите ослепени војници починал од срцев удар, што претставувало и почеток на крајот на неговата држава, која постоела од 969 до 1018 год. Се смета дека селото Водоча го добило и своето име според овој свиреп чин – Водоча – Вади-очи.
Манастирот Водоча (Водочки цркви) посветен на Свети Леонтиј е сместен во селото Водоча на околу 5 км западно од градот Струмица.
Манастирскиот комплекс се состои од три цркви кои инспирирале три периоди на градба.
Според археолошките истражувања првата црква која во IV– V век била изградена на ова место, била мала но со богат и со раскошен ентериер. Била урната некаде помеѓу VI до VII век и покасно повторно изградена.
Свети Леонтиј Струмички е христијански светец од XII век (1143–1180 г.) родум од Струмица. По желба на царот Мануил Комнен и на мнозина архијереи, бил избран за патријарх Ерусалимски.
Во X век, во времето на владеењето на цар Самуил дел од куполната базилика бил обновен. Западната куполна црква посветена на Богородица Елеуса – Воведение била изградена во периодот 1018 – 1037 г.
Во периодот од крајот на XI и почетокот на XII век, бил урнат олтарниот ѕид на западната црква и била доградена источната; од двете страни била настаната една нова, именувана како средна водочка црква.
Во XIV век Манастирот претрпува катастрофален пожар, а во XIX век настрадал од силен земјотрес.
Од 1975 до 1982 година, извршени се конзерваторско- реставраторски работи на Црквата, но се стопирани поради археолошки ископувања, во кои се откриени преку 1.000 керамички садови, царски и епископски печати, со прилози накит и камена декорација кои се датирани од XIV до XIX век. Покасно комплексот е целосно конзервиран и реставриран. Во 1982 година е изграден уште еден конак, а во 1995 година е обновен монашкиот живот.