„Времето ми застана на 6 февруари, престанав да верувам во правда“: Болна исповед на татко чија љубов кон ќерката го расплака светот
Пред една година светот го запозна лицето на Месут Ханчер, татко од Турција. Тој ја држеше за рака својата мртва ќерка Ирмак, која беше затрупана во урнатините по разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во 4:17 часот на 6 февруари. Тоа беше единственото нешто што можеше да го направи за неа, да ја држи за рака до самиот крај, па и понатаму. Тој не можеше да и го спаси животот. Една година подоцна, Месут со солзи во очите вели – неговиот 6 февруари ќе трае вечно.
Фотографијата на која Месут Ханчер ја држи за рака својата мртва ќерка која ѕирка од урнатините, изгледа очајно и изгубено, го обиколи светот и претставува олицетворение на болката и безнадежноста што ја зафати Турција по земјотресот.
Месут и неговото семејство се враќаат во „зоната на земјотресот“ за да ја одбележат првата годишнина од смртта и да го посетат гробот на нивната ќерка Ирмак, која почина во сон на 15-годишна возраст. Болката која нема крај.
„Помина една година, но времето застана за нас. Оваа болка не поминува“, изјави Месут за турските медиуми, седејќи во дневната соба чии ѕидови се покриени со фотографии и цртежи на неговата ќерка.
„Не престанувам да мислам на неа ниту за минута“, вели нејзината мајка Ѓулсерен.
Ден пред катастрофата, Ирмак отишла во куќата на нејзината баба во градот Караманмарас, за да ги види нејзините роднини, кои дошле од Истанбул.
Таа инсистираше да преноќи, несвесна дека речиси сите 22 високи згради во станбениот комплекс на нејзината баба Ебрар ќе се урнат како куќа од карти, при што ќе загинат 1.400 луѓе.
Додека Месут и неговиот син Беркај (23) стигнале на местото на несреќата, останале само купишта урнатини. Морале да чекаат да се раздени за да почнат да го бараат Ирмак, расчистувајќи ги урнатините со голи раце.
Дури следниот ден Месут го забележал безживотното тело на својата ќерка како сè уште лежи на душек меѓу две тешки бетонски плочи.
„Толку ме болеше што ја видов таква“, рече тој.
Скаменет од тага, седна покрај неа во урнатините, држејќи ја нејзината студена, бледа, безживотна рака. Ирмак беше најмладата од четирите деца. Месут не знаел колку долго седел таму пред да го види фотографот на АФП Адем Алтан како ја вперува камерата кон него.
„Фотографирајте го моето дете“, му шепна Месут на фотографот.
Така се создаде сцена која стана дел од историјата. Фотографиите ги пренесоа сите светски медиуми и беа споделени на социјалните мрежи стотици илјади пати.
За некого беа клик, за некого тажна глетка, за некого предизвикуваа болка и солзи, а за Месут – тоа е цел живот.
Како што вели една година по земјотресот и смртта на неговата ќерка, не верува дека правдата некогаш ќе биде задоволена. Под правда тој подразбира казна за инвеститорите кои бесправно граделе небезбедни објекти и државата која им го дозволила тоа.
Фотографијата на Месут и неговата ќерка Имрак докажува дека тагата што ја чувствува е незамислива. Оваа фотографија е објавена на социјалните мрежи пред смртта на девојчето и на неа се гледаат Месут и неговата ќерка како со насмевка гледаат во камерата.
Сега е само трага во минатото која вечно потсетува на тажната вистина – животот е кревка појава и мора да се негува додека трае.
Дополнително, најголем дел од граѓаните имаат чувство дека се оставени сами на себе од земјотресот. Според нив, им требало премногу време за да пристигнат спасувачите, а во меѓувреме изгубиле многу животи.
Месут наведува дека и тогаш се обидел да комуницира со Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби, тие му понудиле да му помогнат колку што можат, и го извлекле неговото дете од урнатините.
„Мојот дом беше оштетен. Не можеме да влеземе во нашата куќа бидејќи немаме средства. Живееме во туѓа куќа. Немам каде да останам“, изјави Месут по земјотресот.
Ден на сеќавање на жртвите
Во Турција ќе се одржат комеморативни собири по повод одбележувањето на една година од разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 53.000 луѓе.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган ќе биде во Караманмарас, епицентарот на земјотресот, за да ги провери работите за реконструкција на градот и да обезбеди домување за илјадници луѓе кои живеат во шатори и монтажни контејнери откако ги загубија своите домови.
На преживеаните ќе им ги предаде клучевите од обновените куќи, а потоа во текот на неделата ќе ги посети и другите градови кои беа погодени од разорниот земјотрес пред една година.
Нашиот народ успешно го помина овој болен и историски тест“, напиша Ердоган во објавата на социјалните мрежи.
Фото: screenshot/ Adem ALTAN - AFPИзвор:nova.rs