Задоволството нема цена: Ивица Пренџов искрено за страста кон моторите
„Не секој сопственик на мотор е и моторџија затоа што Моторџија не се станува со земање возачка категорија А или со купување мотор. Тоа е карактер, чувство на слобода, солидарност, почитивање, тоа едноставно не можеш да го купиш, туку се стекнува„- вели за Машки магазин Ивица Пренџов кој е член на Клубот „Носачи на крстот“ (Cross Bearers MK) од Велес.
Тој вели дека кај него желбата за возење мотор дошла од рано детство или како што вели - „со тоа се раѓаш“.
Моторот како превозно средство како и сите останати сообраќајни средства го има во продажба од многу брендови, и секој модел еден од друг се разликува. Професионалните моторџии најчесто ги гледаме како возат поголеми и добро опремени мотори, па затоа го прашавме Пренџов дали возењето мотор како спорт или хоби е скапо и дали опремата чини?
„Скапо, не сум сигурен во тоа – односно не можам да го потврдам тоа бидејќи „задоволството нема цена”, но несомнено е тоа дека се вложуваат доста пари во тоа, опрмата и оддржувањето чинат – да, но тоа не е многу во споредба со задоволството што го добиваш“, искрен е Ивица.
Мото клубот во кој тој членува го носи името „Носачи на крстот“ (Cross Bearers MK) од Велес. Во клубот има членови од скоро сите возрасни групи, од 25 до 60 години.
Ивица вели дека скоро секој викенд во лето со членовите од клубот возат до некоја локација, возеле на мотособири во земјава, но и надвор од неа. Тој исто така додава дека не може да издвои некоја посебна или интересна локација, за него сите му се драги.
„Искрено мене ми се интерсени сите локации – битно е со кој возиш, а не каде. Колку и да звучи клише не би можел да издвојам ПОСЕБНА локација, возиме секој викенд и целиот клуб е составен од прекрасни луѓе, така што која и да е дестинацијата секаде се чувствувам добро, опуштено ... слободно“, истакнува Пренџов.
Како дел од мото клуб потенцира дека скоро сите клубови во Македонија имаат меѓусебно почитување и добра комуникација. На годишно ниво во земјава има околу десетина мото собири преку лето и 4-5 зимски забави.
На прашањето- Со што би го издвоил возењето мотор, односно што е она во кое уживаат моторџиите, тој вели: „Тешко е да се опише таа култура, мора да се почувствува. ..затоа морам да потенцирам дека НЕ секој сопственик на мотор е и моторџија затоа што Моторџија не се станува со земање возачка категорија А или со купување мотор. Тоа е карактер, чувство на слобода, солидарност, почитивање, тоа едноставно не можеш да го купиш, туку се стекнува“.
За натпревари помеѓу мото клубовите, Ивица низ насмевка додава дека „ако пиењето пиво е натпревар тогаш Да, се натпреваруваме. Сум учествувал и ми причинува големо задоволство“.
За крај, сосема свесен за ризикот со кој се соочува возејќи на две тркала, особено го нервира фактот што голем дел од возачите на автомобили не внимаваат доволно на моторџиите, а грешките во сообраќајот токму тие скапо ги плаќаат.
Но, не размислува на ризикот туку ужива особено во лето скоро секој ден со членовите на мото клубот.
„Многу е лесно да се зближите со луѓе со кои имате сличен карактер и уживате во исти работи, едноставно уживаме во нашите дружби“.
Н. Миланова