Зимскиот сон кај мечките варира – кога луѓето ќе се спасат од непријатни средби со нив?

Луѓето веќе реагираа за поголемата раздвиженост на мечките во западна Македонија, но за нивна хибернација засега е рано.

Диме Меловски од Македонското Еколошко Друштво(МЕД) вели дека зимскиот сон кај мечките варира во зависност од географската ширина. Хибернацијата кај мечките во јужна Европа претставува адаптација за преживување во зимскиот период кога храната е оскудна.

„Иако зимите тука се поблаги од оние во северна Европа, кафеавата мечка сепак влегува во состојба на продолжен одмор во пештери, шупливи дрвја или копани легла. За време на хибернацијата, телесната температура и срцевиот ритам се намалуваат, а мечките трошат енергија од масните резерви акумулирани во текот на есента. Во јужна Европа често се случува хибернацијата да биде пократка или со повремени прекини, зависно од временските услови и достапноста на храна. Тоа до некаде се должи и на климатските промени (глобалното затоплување) кои доведуваат зимите да се поблаги, понепредвидливи во однос на снежните врнежи, а снегот останува многу пократко и е со помала покриеност. Хибернацијата најчесто се случува во јануари, кога температурите се најниски, но трае од неколку недели до 2-3 месеци, зависи од зимата. Меѓутоа, државата не треба да се надева на овој период за луѓето да се „спасат“ од мечките. Со правилни мерки донесени во регионалната стратегија за кафеавата мечка, како и обучениот интервентен тим, би требало целата година да немаме проблеми причинети од ова диво животно кое впрочем живее меѓу нас со милиениуми наназад“, додава Меловски.

Луѓето од западниот дел на Македонија велат дека често покрај патиштата ги среќаваат мечките. Како превентива, тие избегнуваат да се движат пеш. Но, објаснуваат дека со години е така, мечките се доближуваат до куќите.

„И оваа сезона гледаме мечки наоколу. Ги има по патот до Долно Мелничани. Ги гледаме со мали мечиња. Постои ризик да се доближат до куќите. Не се одлучуваме да одиме пешки. Обично ги има во овој период. Неколкупати патувајќи за Дебар, ги среќаваме. На планината има и стада. Броштица е на 1.400 метри надморска височина. Јас живеам на крајот на селото, и често наутро гледам траги од мечки. Се доближувале до куќата, но за среќа имаме ограда и јас сум навикнат на нив“, рече Казафер Емрулоски од селото Броштица.

Кон крајот на август, мештани од тетовско Отуње објавија снимка на која се гледа како мечка се храни со остатоците од храната која била на терасата.

Во Доброште, Теарце, Камењане имало слични ситуации. Есента во 2023 година имаше поголема раздвиженост на мечки во Дебар и Центар Жупа. Дебарските ловци таа зима организираа акција за прехранување на мечки и друг дивеч.

Сања Атанасовска

foto freepik.com