Атракција за странците: Штрковите гнезда во Стојаково
Во селото Стојаково во Општина Богданци од година во година има сѐ поголем број на штркови гнезда и тоа ги привлекуваше туристите од Србија кои обично патуваа кон Грција пред да земe замав корона кризата.
Ги посетуваат и фотографираат и странските полицајци кои патролираат на јужната граница.
Во селото има соби каде туристите можат да преноќат, да го разгледаат селото, а потоа да го продолжат патувањето кон јужниот сосед.
Штрковите гнезда се уникатен белег на ова село. Жителите велат дека откако знаат за себе, во селото има штркови, но последните години тој број расте. Неодамна мештаните ги пребројаа гнездата.
„Штрковите сѐ помасовно го населуваат селото Стојаково во Општината Богданци. Месната заедница од селото Стојаково неодамна самоиницијативно ги преброја активните гнезда и установи дека има 45 гнезда, 90 возрасни и 153 млади штркови. Штрковите населуваат еколошки чисти средини, што значи дека Стојаково максимално ги исполнува нивните услови за живеење. Селото Стојаково е рамничарско село и има две големи предности: прво, има доволно безбедни места за гнездење, речиси повеќето од гнездата се на далноводи, на кои често има платформи за штркови поставени од „ЕВН Македонија“, и второ, околните обработливи површини, близината на Вардар и влажните ливади околу локалитетот Ѓол и Ѓиренот нудат доволно храна за штрковите. Тоа се доволни предиспозиции за штрковите да имаат растечка и самоодржлива гнездечка популација во селото. Во 2018 година беа преброени активните гнезда, имаше 37 гнезда, 74 возрасни и 134 млади штркови“, вели Роберт Иванџиков, претседател на месната заедница.
Тој додава дека местото има потенцијал да се промовира, но недостига организирана поддршка.
Познато како село на штркови и мапирано во Европа е и селото Чешиново во источна Македонија. Таму најстарото гнездо е од 1973 година.
Села во кои има голем број штркови постојат во Србија, Бугарија, Турција, Шпанија, Швајцарија, Хрватска.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира и
Танцот на кадроглавите пеликани од Дојран: Вистинска атракција