Цело село е изградено од пластични шишиња: Градбите можат да траат 500 години и да издржат силен земјотрес
Во 2012 година, Канаѓанецот Роберт Безо дојде на архипелагот Бокас дел Торо во Панама за да помогне во отстранувањето на пластичниот отпад и рециклирањето на островите. За година и половина што ја помина работејќи на овој проект, собра околу милион пластични шишиња, пишува Pun Kufer.
Безо реши да направи градежен материјал од ѓубре и да изгради еколошко село од пластични шишиња. Пластичните шишиња се користеа и порано за изградба на еколошки куќи, но овој амбициозен проект вклучуваше изградба на цело село на површина од околу 33 хектари.
За да се создаде еден објект, прво се прави челичен кафез кој потоа се полни со пластични шишиња и на крајот се бетонира. Безо тврди дека пластиката е одличен изолатор и дека методот на градба е многу брз. Издржливоста на овие куќи е загарантирана, бидејќи на пластиката и се потребни до 500 години за целосно да се распадне.
Исто така, уште една предност на овие куќи е нивната отпорност на земјотреси, бидејќи пластиката е исклучително цврст, но флексибилен материјал.
Мотото на овој проект е: „Промени го светот без промена на планетата Земја“.
Првото еко-село во светот чии куќи се изградени од пластични шишиња вклучува неколку згради - вклучувајќи го и најголемиот замок направен од пластични шишиња според Гинисовата книга на рекорди. Пластичниот замок има четири ката, висок е 14 метри и е направен од 40.000 шишиња. Има четири соби, трпезарија, но и видиковец на врвот.
Во ова село има и затворска ќелија од 10.000 пластични шишиња, во која можете да спиете за 30 долари.
Главната цел на ноќевањето е секој оној што ќе преспие, да се искупи за еколошките гревови што ги направивме, односно да сфатиме колку пластика консумираме и да ја намалиме употребата на овој материјал во секојдневниот живот.
Фото: Designboom