Ден по страшниот земјотрес во Драч: Се сруши таванот, не можев да стигнам до децата
По вчерашниот земјотрес во Драч, Албанија денес ништо не е исто. Граѓаните се уште се надвор и се плашат да влезат во своите домови.
Најсилиот потрес се случи вчера во 16 часот, со јачина од 5,8 степени според Рихтер, 13 километри северно од Драч, а по него следуваше уште еден, со јачина од 5,3 степени. Епицентарот беше во Јадранското море.
Цела Албанија го почувствува потресот, како и Црна Гора и Македонија. Вчера веднаш на местото пристигна претседателот Илир Мета, а премиерот Еди Рама го одложи службеното патување на Њујорк за да се види со жителите во погодените области. Засега има околу 70 полесно повредени, повеќе од 100 куќи се оштетени, автомобили и неколку згради и патишта. За среќа, нема човечки жртви.
Стравот на граѓаните се уште е
присутен, а еве што раскажа еден жител на Драч за моментите во време на
земјотресот:
Живееме во стара куќа. Во моментот на земјотресот сите бевме дома, жена ми и двете деца. Децата беа во нивната соба, а јас и сопругата во дневната просторија. Одеднаш се почна да се тресе и куќата да се распаѓа. Не знаевме што да правиме во паника. Веднаш им свикав на децата да излезат надвор, но додека трчав кон нивната соба, се сруши таванот во ходникот. Немав пристап до нив. Со сопругата излеговме надвор и успеавме да ги извадиме преку прозор. Само што ги извадивме, се сруши дел од прозорот. По само неколку минути, затресе уште еден силен земјотрес. Гледавме како куќата пола веќе се распадна. И кај околните куќи имаше оштетувања, но нашата куќа е прилично стара и не можеше да издржи. Прв пат се соочувам со ваков земјотрес. Не може ништо да се направи, секунди се во прашање. Ноќта ја поминавме во автомобил и стравуваме од други потреси. Но кога гледам дека семејстовто ми е целокупно, никакви пари не го надоместуваат тоа.