Две Охридски езера- кое е оригиналот?

Ова е потполно точно! Постојат две Охридски езера. Едното на земја, другото на небо. Едното во Македонија, а другото на Титан, најголемиот сателит на планетата Сатурн. Езерото, името го добило во 2010 година од НАСА и од Меѓународниот астрономски сојуз во чест на нашето Охридското Езеро. 

Инаку, Планетарумот при Македонскиот културен центар предложи неколку имиња во вселената кои се поврзани со културата, традицијата и природните богатства во Македонија.

Титановото Охридско Езеро е сосема различно од нашето по многу нешта. Речиси е двојно помало,  должината му изнесува 17,3 км, широчината 9,2 км, додека површината 136 км2. Должината на брегот на ова езеро е 50,5 км. Според некои индикации, длабочината на Титановото Охридско Езеро веројатно е помеѓу 3 и 10 метри. Самото езеро има елипсеста форма, со тоа што во источниот дел, кон југ продолжува залив долг 5 км и широк 3,5 км. Што се однесува до положбата,  се наоѓа на северната полутопка, блиску до северниот пол, односно на 78° северна титанска широчина.

Уште позначајна разлика е што Титановото Охридско Езеро нема вода, туку се состои од течни гасови (јаглеводороди), најчесто течен метан и мешавина на етан, метан, пропан, бутан и др. Температурата на Титан е многу ниска, -180 степени Целзиусови или повеќе од двојно пониска од најстудената точка на Антарктикот. 

Течноста во Титановото Охридско Езеро е навистина смрзнувачка, со температура од -178°, така што секакво капење е незамисливо. Кога би се приближле до езерото, истото ќе ни изгледа темно, мрачно, слабо провидно и страшно дури и во најсветлиот период на денот. 

Тоа е поради огромната оддалеченост на Титан од Сонцето – дури 1,5 милијарди километри (10 пати повеќе од оддалеченоста на Земјата), така што низ густата атмосфера се пробива сосема малку светлина до површината. 

Нашиот бисер, Охридското Езеро е најголемото езеро во Македонија и меѓу петте најстари езера во светот. 

Од биолошки аспект, претставува најзначајен екосистем во Европа, стар меѓу 3 и 10 милиони години, на чие дно се наоѓаат остатоци од вулканска маса кои биле активни пред 50000 години. Истражувањата покажале дека басенот под Охрид се карактеризира со три поголеми тектонски пореметувања. 

Станува збор за многу стар еко-систем. Научниците велат дека под дното се крие уште едно помало езеро. Најстарите населби околу езерото датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е., а откриени се повеќе од 170 археолошки места...

Ете, и во вселената има нешто македонско, ама оригиналот е еден, единствен, за нас најубавиот на светот!

Н.Т.