Кога ќе посакате да „избегате“ од вашиот дом: Фантастични македонски места

Спокој, убавина, мир, полнење на батерии... Имаме ние места за сето ова. Се разбира, почитувајте ги мерките и уживајте во овие места

Сарајот во Ресен

Ресенскиот сарај, познат како Сарајот на Ахмет Нијази-бег, во Ресен е еден од најрепрезентативните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија.

По своите архитектонски и естетски вредности им парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на 20 век. Фасцинантниот објект е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор.

Историјата вели дека отоманскиот кмет Нијази-бег, еден од водачите на Младотурската револуција, го изградил во почетокот на 1900 година, откако бил воодушевен од францускиот замок на разгледницата што ја добил.

Тоа е човекот што како водач на Младотурското движење ја освојува Битола. Доаѓа во Ресен, го гради овој сарај и вели: „Браќа Македонци, Власи, Роми, сега ќе живееме слободно сите во една држава, во едно демократско општество“. Подоцна, поради политичката ситуација, бега заедно со златото во Драч.

Граден е по Младотурска револуција до 1912 година, кога започнале Балканските војни, а не бил комплетно завршен. Довршувањето и интервенции во оваа зграда се изведувани со менувањето на властите.

Денес зградата на сарајот е Дом на културата „Драги Тозија“ и претставува споменик на културата, а тука се одржуваат бројни културни настани како традиционалните керамички и сликарски изложби.

Меѓу струмичани, како останата традиција од постаро време, сè уште постои поделба, едните велат дека е поубав Смоларскиот водопад, за други пак незаменливи се Колешинските водопади. Нашата денешна приказна е за местото кое се смета за украс на селото Колешино, неговите водопади.

Колешински водопади

Колешино има прекрасна локација, се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на само дваесетина километри од Струмица.


Магична е глетката на сплавовите, создадени од реката Баба, кои се спуштаат од планинските врвови. Колешнискиот водопад е најпознатиот од нив, и е најголемата гордост на селото.

Највисокиот од сите водопади има височина од 19 метри, и широчина на падот од шест метри. Доста е помал од Смоларскиот, но за разлика од него, највискиот Колешински водопад можете да го видите од блиску, а Смоларскиот се набљудува само од платформа. На околу стотина метри од Колешинскиот водопад, има уште неколку помали водопади кои се високи најмногу до 4 метри. Природата како по некое правило, уникатно ги распоредила, во низа.


До водопадите ќе стасате лесно. Барем до делот каде што можете да го паркирате автомобилот. Ве пречекува панорамска глетка на Струмица и ресторан во кој можете да се одморите и да се освежите. Многумина ресторанот го оставаат за по посетата на водопадите, затоа што до нив има околу еден час пешачење.

Откако ќе го поминете центарот на Колешино, планинскиот пат ве води низ шума која ја краси мал поток. Убавината на пешачењето, иако е по угорница е што цело време одите покрај вода. Малиот дрвен мост кој ќе ве пречека по патот е место каде што луѓето најчесто се фотографираат. Убавина на целиот амбиент му даваат и речните ракови.


Водопадите се прекрасни во сите годишни времиња, но наша препорака е да ги посетите на потопло и суво време, затоа што патеката која води кон нив на некои места е лизгава. Патеката е тесна, но нема шанса да згрешите, секаде на патот има ознаки. Препорачливо е да се избегнуваат празници и продолжени викенди, Колешино за околината е едно од омилените места за излет, па знае да пречи големата фреквенција на луѓе и скарите кои се палат наоколу. И да наидете на такви излетници, брзо ќе ги заборавите, затоа што ве опива чистиот планински воздух.

Бучавата на водата ќе ви најави дека сте стасале до целта, Колешинскиот водопад и кристално чистата вода од реката Баба.

Не смее да се пропушти да се спомене и кралскиот папрат кој во цела Македонија расте единствено овде, со височина и до два метри. Папратот само ја дополнува целата магија на овој крај.

Манастирот Света Пречиста Богородица

Се наоѓа на десетина километри југоисточно од Кичево.

Убавината на ова место е што се наоѓа на надморска височина од 920 метри, на планината Цоцан, поточно во подножјето на врвот Врвои. Од манастирот, се пружа прекрасен поглед на  Кичевијата и на планинските венци.

Манастирот се нарекува Кичевски, но тој се наоѓа во атарот на селото Манастриско Доленци. До него се стигнува кога излегувате од Кичево и одите по магистралниот пат кон Битола. Само петстотини метри под денешниот манастир, некогаш се издигал Крнинскиот манастир, кој заедно со манастирот Свети Ѓорѓија во село Кнежино, биле центри на ширењето на христијанската мисла. За жал, денес не се зачувани овие два манастири. 

Секој манастритр си има своја легенда, па така и овој. Според преданијата, на местото на некогашниот древен храм, имало света чешма. Приказната за светатата чешма се раскажува и денес, и ја посетуваат луѓе кои веруваат во исцелителната моќ на нејзините води, и оти тие води лечат многу болести. 

Манастирската црква му била посветена на празникот Свето Благовештение. Тоа се потврдува и од композицијата Благовести над западната влезна врата, како и од престолната икона што се наоѓа на местото што е резервирано за патронот на храмот. Во народот манастирот е познат како Богородица Пречиста, односно дека е посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста.

Овој манастир по многу нешто е посебен. Тој всушност е свет храм на сите верници, без разлика дали се или не се православни. Внатрешноста на црквата така е направена, зашто под еден ист покрив се собираат и христијаните и муслиманите, кои подеднакво ја почитуваат.


Старата сребрена икона на Богородица и денес се чува во еден мал олтар над светиот извор. Се вели дека таа во голем пламен виор прелетувала од разрушените зидини на Кнежинскиот манастир, означуваќи го местото каде треба да се гради новата црква. Народот поверувал на тоа, прифаќаќи дека тоа е пророштво кое мора да се исполни, па ја изградил најголемата и најбавата црква во тоа време, чиј радиус на на сводот е најголем изграден на Балканот. 

За овој манастир свои писанија имал и македонскиот револуционер  Ѓорче Петров. Откако го посетил, тој запишал и дека за историјата постоеле записи кои во манастирот се наоѓале во голем број, но како што кажувале манастирските старци, тие наеднаш со целата манастирска библиотека од рачно напишани црковни книги биле изгорени во фурна.

Фото: Женски магазин