Мајкл Мур вели- Посетете ја Македонија, државниот завод за статистика пријави 97.9 % намалување на странските туристи за јуни
Во светот, една од најпогодените гранки е туризмот. Земјите кои живеат од туризам се скоро пред банкрот, а ситуацијата е неизвесна од ден за ден.
Но кај нас не е ништо подобро.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2020 година изнесува 5 210, а бројот на ноќевањата изнесува 14 179. Бројот на туристите во јуни 2020 година, во однос на јуни 2019 година, е намален за 95.6 %, а бројот на ноќевањата е намален за 94.6 %.
Бројот на домашните туристи во јуни 2020 година, во однос на јуни 2019 година, е намален за 88.9 %, а бројот на странските туристи е намален за 97.9 %. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во јуни 2020 година, во однос на јуни 2019 година, е намален за 90.1 %, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 96.6 %.
Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 71.8 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 64.8 %, а кај странските има намалување за 74.8 %. Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 71.3 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 64.1 %, а кај странските има намалување за 75.3 %.
Од друга страна, познатиот американски политички активист, режисер, коментатор и писател Мајкл Мур, познат по своите отворени и критички погледи на глобализацијата, големите корпорациии и насилството предозвикано од огненото оружје, објави статус на својот фејсбук профил, промовирајќи ја земјава како една од само осумте можни дестинации за патување на Американците.
Тој во својот статус со револт зборува за американскиот народ, велејќи дека 60 отсто од народот нема ниту пасош, ниту пак некогаш ја напуштиле државата, па оттаму не можат ниту да ги сфатат последиците од оваа криза, со која, како што напиша, „се справуваат еден идиот и еден социопат“.
На крајот од својот статус, Мур дури и им препорачува на Американците каде да се сместат, ако одлучат да дојдат во земјава.
„Планирате патување за празниците? Знаете дека остатокот од светот нè смести во приватен затвор, така? Дека ни е забрането да патуваме и да влеземе во било која држава на планетата. Само осум држави дозволуваат влез со американски пасош, без никакви рестрикции (карантин, тестирање, виза). Ова се осумте нации каде како Американци можете слободно да патувате, без прашања или лекарска белешка:
Северна Македонија
Косово
Тунис
Турција
Доминиканска Република
Мексико
Малдиви
Србија
(има уште 23 држави кои би нè пуштиле, но со ограничувања и карантини), објаснува режисерот.
„Нас нè сметаат за голем ризик по здравјето за остатокот на светот, повеќето би сакале да откажат посети од американски деловни луѓе, банкари, туристи, студенти, научници, директори на Волмарт, филмски продуценти, продавачи на Кока-Кола. Сите ние сме закана (но, тоа не е ништо ново).
Сведоци се на нашиот неуспех сериозно да ја третираме оваа пандемија. Ја набљудуваат нашата индиферентност, додека дозволивме 165.000 наши луѓе непотребно да умрат (165.000 мртви е еквивалент на педесет и пет 9/11, инцидент што нè натера да полудиме од гнев, барајќи проклет одговор!
Остатокот од светот е вознемирен што во оваа криза нè водат идиот и социопат. За светот ние сме чума. Ние сме опасни. Ние сме болни. Тие ја заклучија портата, го повлекоа катанецот, ја треснаа вратата. Повеќето од нас немаат идеја дека светот нè стави во домашен притвор. Тоа е затоа што огромното мнозинство од нас никогаш не ги напушта САД во текот на животот. Речиси 60 проценти од нас немаат пасош. Имаме мал интерес за остатокот од планетата – и тоа е во ред со нив“, пишува режисерот Мур.
На крајот тој го препорачува Скопје како интересна дестинација за патување во една од државите каде сè уште е дозволен пристап за американски граѓани.