МЕТЕОРОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Невреме од ниво 3 ѝ се заканува на Македонија, еве за кои делови од земјава е предупредувањето

Д-р Ввладо Спиридонов, доктор по метеоролошки науки, предупредува дека денес постои зголемен ризик од невреме (Ниво 3) во Македонија.

Тој вели дека во текот на денешниот ден, Југоисточна Европа и Македонија ќе останат под влијание на нестабилна синоптичка ситуација – пространа долина со намален притисок на висина и прилив на поладен воздух над северозападниот дел од Апенинскиот Полуостров.

„Околу пладне се очекува формирање на два изолирани центри со низок притисок – едниот ќе се движи кон Јонското Море, а другиот кон југозападниот дел од Црното Море. Ова ќе придонесе за засилена атмосферска дестабилизација.

 Попладне се очекува развој на влажен фронтален бран проследен со појава на нестабилности и развој на грмотевични облаци. Врнежите прво ќе го зафатат источниот дел од земјата, а потоа ќе се прошируваат кон централниот регион.

 Најобилни врнежи и потенцијално неповолни временски појави се очекуваат во источните и централните делови од Македонија – особено во Велешкиот регион, каде системот NOTHAS веќе има означено Ниво 3: Зголемен ризик од невреме.

Апелираме до граѓаните да бидат внимателни, особено попладне и во вечерните часови. Следете ги официјалните информации и бидете подготвени доколку условите се влошат“, напиша тој на социјалните мрежи.