Миле Алексоски, Генерален секретар на Балканскиот форум за безбедност: Армијата е спремна, без ниту еден испукан куршум, да ја добие битката против невидливиот непријател COVID-19
Се наоѓаме можеби пред најголемиот предизвик кој и пркоси на нашата земја, но и на целата земјина топка. Во повеќето земји во светот, па и кај нас, Армијата е ставена на готовност со сите нејзини расположливи ресурси. Коронавирусот мора да се искорени!
Вонредната состојба која ја наложи нашата Влада и другите мерки за заштита, ја вклучува и нашата Армија, која заедно со здравството, МВР со полицијата, Центарот за управување со кризи се едни од главните столбови за справување со чумата.
Генерален секретар на Балканскиот форум за безбедност, Миле Алексоски, кој е поранешен Началник за мобилизација на Армијата, има свое видување околу нештата поврзани за Армијата, ресурсите, капацитетите, токму во ваква вонредна состојба...
Фактор: Со кои капацитети располага државата за справување на кризата со корона вирусот?
На нашата држава, во овие тешки моменти со воведената вонредна состојба, за справување и борба со корона вирусот, и’ стојат на располагање сите расположливи капацитети од кои ќе ги набројам најбитните столбови кои ќе го поднесат најголемиот товар. Тоа се Министерството за здравство со здравствениот систем, Министерството за внатрешни работи со полицијата, Министерството за одбрана и Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Има и многу други капацитети кои воглавно се поврзани со предходно наброените. Овие столбови, со своите капацитети (човечки ресурси, материјални и технички средства) се обучувани и увежбувани да се справуваат со кризата. Истите преку координирани дејствија имаат сила и моќ да ја надминат кризата.
Морам да напоменам дека пред нас е исправена една од најсофистицираните асиметрични закани со која се соочило човештвото воопшто и тоа на буквално целата планета. Значи, целата земјина топка ќе води борба со невидлив и подмолен непријател кој многу брзо се шири и предизвикува огромен број на жртви и несогледливи и застрашувачки последици по глобалната економијата и економиите на погодените земји. КОВИТ 19 е видлив и делумно разбирлив само за вирусолозите и инфектолозите и дел од останатиот медицински персонал.
Фактор: Какво е вашето мислење за вирусот, дали се работи за вештачки произведено биолошко оружје или е во прашање нешто друго ?
Ова прашање е многу дискутабилно и веројатно науката, после некое определено време, ќе даде одговор дали се работи за вештачки произведен вирус кој излегол од контрола, свесно е употребен или можеби ќе остане нерешена енигма. Но ако погледнеме низ историјата може да видиме и заклучиме дека вакви слични епидеми и пандемии се случувале во одредени циклуси и од разни профили на вируси со исто така разорно дејство кое го десеткувало населението во одредени региони. За време на нивните појави тогаш, не постоеле можности некој вештачки да ги произведе, но сепак се појавиле. Лично мое размислување е дека најверојатно се работи за борба на самата природа за природната селекција да се справи со нарушениот баланс во самата себе . Природата има механизми кои ги активира за борба против нарушениот дисбаланс. Имено самите сме сведоци на последиците на глобалното затоплување и климатските промени заради несоодветно искористување на природните ресурси од страна на човекот како и неговиот неодговорен однос кон заштитата на животната средина и биодиверзитетот. Ваквото свое размислување и проценка ги темелам на некои научни сознанија на меѓународно етаблирани вирусолози од регионот кои деновиве ги осознав.
Фактор: Како Армијата во овие услови, според Вас, може и треба да придонесе во борбата со вирусот?
Јас во моментов, бидејќи се работи за специфична закана, може да набројам три главни и најнеопходни начини на можни и потребни вклучување на Армијата. Прво, на зајакнување на полициските капацитети на МВР со главна цел зајакнувње на безбедноста на државната граница и објекти од посебен интерес за држвата и границите како и зајакнување на контролата на движењето на населението, а заради спречување на ширењето на епидемијата, второ, во испомош на составите за биолошка борба преку дезинфекција на материјално технички средства и други површини и трето, за санитетска подршка на Здравствениот систем. Армијата во својот редовен состав има значаен дел од овие капацитети, но по потреба Председателот на републиката има законска можност и да ги мобилизира резервните единици со нивните технички и материјални средства. Армијата може да развие и дополнителни здравствени капацитети кои во нужда и по потреба би се ставие во функција на министерството за здравство како на пример амбуланти и полски болници. Не би сакал ни да помислам дека ќе дојдеме во ситуација армијата да мора да се употреби за организирање на конвои со цел за масовен превоз и поворки на починатите како што деновиве имавме прилика да гледаме како ја вклучија Италијанската армија.
Фактор: Дали, како и на кој начин би се извршила мобилизација на Армијата доколу е потребно? Постојат армиски припадници во пензија, студенти, невработени со Воено образование...
Врз основа на наложените потреби а после сеопфатна проценка од страна на соодветните органи (Министерството за здравство, МВР, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата како и владата) за евентуално влошување на состојбата, Председателот на Републиката може да мобилизира одредени единици на Армијата или да прогласи целосна мобилизација на Армијата. За сега сум убеден дека нема да се јави потреба да за се прогласи целосна мобилизација но веројатно дека ќе затреба делумна мобилизација на определени единици. Можно е и веројатно тоа би биле единици од воената полиција, определени единици за атомско- биолошкo и хемиска одбрана (АБХО) или пак само определени специјалисти за биолошка одбрана од АБХО единиците како и одредени санитетски единици. Категориите на лица кои ги спомнавте во вашето прашање воглавно се опфатени во резервните единици.
Секако дека има можност и за вклучување на доброволци од определени специјалности. Во сегашниве услови, неангажираните единици кои очекуваат вклучување во борба со епидемијата, должни се да вршат мобилизациски подготовки и увежбување и на резервните единици. Тоа подразбира контола на пополнетоста со персонал и пополнетост со материјални и технички средства.
Фактор: Доколу се случи масовна зараза од големи размери кај нас, болниците ќе немаат капацитет да ги примат пациентите... Како во овој дел може да помогне Армијата?
Армијата има свој постоечки амбуланти кои може да се развијат во болници со определени капацитети но кои сигурно ќе помогнат за амортизација на проблемите. Исто така, Армијата може да развие и полски болници, кои би можеле да бидат од огромна помош за да се зајакне здравствениот систем. Овие армијски санитетски капацитети се златна резерва во случај на потреба. Овде секако спаѓаат и определен број на санитетски возила и опрема кои би биле употребени за зајакнување на материјално техничката подршка. Дел од нив се од постојаната мирновремена формација, а дел се и од разервните воени единици и материјално технички средства.
Истите би помогнале да се развлече пикот на епидемијата, со цел да не се дозволи интензитетот на кризата да го пробие плафонот на капацитетот на здравствениот систем. Димензионирање на мобилизацијата на армиските капацитети потребно е да биде согласно интензитетот на заканата.
Фактор: Велите дека се бориме со невидлив непријател и ова практично е војна... Колку Армијата може да се носи со товарот бидејќи и таа е на првата борбена линија со корона противникот?
Точно така. Големиот број на држави кои ги засегна пандемијата се престројуваат и војуваат со овој невидлив непријател и ги престројуваат своите економии и производствени капацитети, а огромен број на претпријатија се затвораат и работните места се укинуваат или допрва ќе се укинат. Голем број на државни институции и други капацитети се вклучени во оваа борба .
Резултатите на превземање на антикризни мерки и последиците од пандемијата почнаа да се менуваат од минута во минута. Буквално скоро сите држави ги затворија или се подготвуваат да ги затворат границите. Скоро сите аеродроми во Европа се затворени за јавен превоз. Бројот на починатите во текот на денот достигнува во десетици или стотици по земја, а кај некои се приближува и близу 1.000 починати. Бројот на заразени е во просек за 10 пати повисок од починатите, а прогресијата на овие бројки е запрепастувачка и загрижувачка.
Се очекува дека минимум 50-60% од светското население ќе биде инфицирано од кои број ќе останат со здравствени последици или ќе починат. Економиите ќе крахираат. Со еден збор крај нема на последиците. Значи дека ќе имаме страотни последици, буквално без ниту еден испукан куршум. Надежта дека ќе стивне пандемијата се уште ја немаме на повидок а со оглед на тоа дека за да се надмине заканата од вирусот се потребни 12-18 месеци за да се произведе соодветна вакцина се уште само може да прогнозираме како се ова ќе заврши. Можеби, а што е веројатно е дека пандемијата и сама по себе ќе стивне и згасне додека населението не се стекне со колективен имунитет, но сепак сето тоа се само непознаници.
Фактор: Кои се Вашите препораки до граѓаните?
Една кратка и јасна моја препорака која се’ говори. Италијаните (барем засега а веројатно наскоро и други нации) не умираат масовно заради самиот вирус, туку умираат заради недисциплина и нивната ниска лична и колективна свест за општествена одговорност.
Ние се уште имаме на располагање некој минимум на време кое ни овозможува да се престроиме со нашата дисциплина, лична и колективна свест и одговорност. Потребно е само да ги слушаме препораките и мерките на званичните постоечки државни органи и институции посебно министерот за здравство и насоките на светската здравствена организација. Значи, максимално користење на заштитни средства како маски и ракавици, максимална хигиена со препорачани дезинфекциски средства и што е најважно максимално да седиме дома без посебни потреби за излегување и неоходна самоизолација на тие што им е утврден ризикот дека можно се инфицирани.
Со еден збор максимален ред и дисциплина и почитување на препорачаните и обврзувачките мерки со цел да се сочуваме себеси и најшите најмили и најблиски.
Небојша Толески