Му дадоа 100.000 американски долари бакшиш: Одби да послужи жена без маска
Баристот Ленин Гутиерез, вработен во „Старбакс“ во Сан Диего, Калифорнија, кој одби да послужи гостинка затоа што не носи заштитна маска, доби повеќе од 100.000 американски долари (околу 5.509.500 денари) бакшиш откако беше објавена фотографија од настанот на Фејсбук.
Гутиерез (24) бил на работа кога Амбер Лин Гилс влегла во барот без маска и нарачала кафе, пренесува NBC.
Младиот човек учтиво ја прашал дали има маска за лице, а пред да може да и го покаже документот на компанијата со правилата за задолжително носење на маската, гостинката вербално го нападнала, а потоа се сликала и ја објавила фотографијата на Фејсбук.
Но, дојде до пресврт што таа сигурно не го очекуваше. Според американската телевизија, корисниците на Интернет ја нападнале поради кршење на безбедносните мерки и загрозување на здравјето на вработените во „Старбакс“, а наскоро започна и кампањата за собирање пари, GoFundMe страница за баристата, Ленин Гутиерез, каде беше објавено видео и од корисниците беше побарано да донираат бакшиш за младиот човек.
До денес се собрани повеќе од 100.000 американски долари, сите пари одат кај Гутиерез, кој сега може да започне со остварување на неговиот доживотен сон за професионална танчерска кариера и отворање училиште за танцување.
Незадоволната Амбер Лин Гилс ја објавила фотографијата на Фејсбук на 22-ри јуни.
Во интервју со неа, од NBC известија дека многу корисници на социјални мрежи се заканувале дека ќе ја убијат во меѓувреме. Меѓу другото, таа изрази сомнеж за ефективноста на маските во заштитата од вирусот, велејќи дека маските се „глупави, како и луѓето што ги носат“.
Наместо поддршка, таа го доби прекарот Карен, навредливо име за привилегирани бели Американци, расисти, кои користејќи го социјалниот статус, бараат посебен третман без да ги препознаат правилата што важат за другите.
Инцидент во „Старбакс“ не е изолиран случај. Американските продавачи и келнери се жалат дека клиентите често одбиваат да носат маски, па затоа се принудени да не ги услужуваат и за возврат на тоа да ги трпат нивните лути реакции.
извор: index.hr