Никола Ристески, внукот на Тоше, нацрта четири икони во манстариот Свето Преображение
Во семјството на македонската музичка легенда Тоше Проески , сите се толку музикални, што е многу тешко да се одреди од каде е наследен музичкиот ген. Дали од дедото Тодор, кој царувал со сцената и бил одличен актер, дали од родителите и чичковците,чии средби секогаш изобилувале со трубадурски изблици, придружувани со гитари. Музиката била најчест гостин во нивниот дом. Како нешто без кое не се може. Како мевлем против сите рани што ги отвора животот, како оружје против судбината, како извор во кој се капе душата. Кај Тоше гените беа посилни, како да испреплетеа не две, туку четири нишки од ДНК, во која се криеше кодот - пејач, ѕвезда.
Никола Проески, таткото на Тоше, убаво пее, но уште поубаво црта. Работел во крушевската „Стаклара“ и многу вазни го имаа неговиот печат. Остана запаметен по ловџијата што пука во мечката, изгравирана на најубавиот македонски кристал.
Уметничките гени „проработеа“ и кај синовите на Дора, сестрата на Тоше. Кристијан го докажа својот музички талент. Помалиот, Никола Ристески иако покажува афинитети кон музиката, многу повеќе го привлекува цртањето.
Црта уште од својата 13 година. Во почетокот неговите цртежи биле со различна содржина. Но, со текот на времето покажал голем афинитет за цртање икони, кои ги подарил на неколку цркви.
Потврда за талентот на ова младо и скромно момче се четирите икони кои ги нацрта во манастирот Свето Преображение.
Тоа се Распетие на Господ Исус Христос, на дрвена подлога најгоре на олтарот. Од левата и десната страна се наоѓаат Мајка Божја и Св.Јован, исто така на дрвена резбарена подлога. Четвртата икона создадена од неговите раце е Неракотворниот лук на Господ Исус Христос.
Од талентот на Никола, одушевен е и Борис Николов Маскрчки (54), иконописец и ликовен уметник од Благоевград, Бугарија. Тој ги нацрта останатите икони во манастирот.
- Се сеќавам на моментите кога првпат влегов тука во Манастирот Свето Преображение и сѐ беше бело како снег. Се нафатив на оваа работа и ја завршив. Беше доста тешко, работев и по 12-13 часа на ден, но со Божјата помош успеав. Едно знам, да не беше Божјата помош никогаш немаше ова да се случи. Благодарение на Одборот, чии членови ми помагаа и физички и психички, успеав да ги сработам и насликам сите овие икони. Самиот на себе не си верувам дека успеав ова да го сработам. Но, тоа се случи благодарение на помошта. И сега кога ова го зборувам, ми се ежи кожата. Сето ова го цртав 6 години. А една година и осум месеци ги цртав горните икони над мермерот, односно апостолите –открива Борис.
Тој од 15 години црта икони и параклиси, има завршено Ликовна академија и професор е по ликовна уметност.
Соња Алексоска Неделковска