Охридската сала: Од непроценлива вредност во палатата на македонското Собрание

Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.
Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен двор со сала. Применетата фасадна декорација е со геометриски содржини, присутни во одделни партии.
По ослободувањето на Скопје 1944 година во зградата е сместена целокупната понова администрација на македонската народна власт: претседателот на Демократска Република Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд.
Во периодот од 1954-1963 година изградени се Свечената сала и Сала 2, а ентериерно се уредени помалите сали во свечениот дел, Охридска и Струшка соба со дрворез на таваните, ѕидовите и вратите изработени од мајсторите на традиционалната резбарска школа од Охрид, како и гипсана декорација изработена од Дримколските мајстори. Малиот свечен салон, салата на Уставна комисија, рeсторанот, како и кабинетите, ентериерно се уредени со ламперија во интарзија.
До денес, претрпе значителни измени, а конечниот надворешен лик го доби со неколкуте стаклени куполи како и измени во внатрешноста.
Не е тајна дека ова е една од најскапите згради која плени со ентериерот и екстериерот. Можеби немаме дворец, ама ова е нешто слично на кралско здание.
Особено внимание привлекува Охридската сала, која покрај салата на кабинетот на претседателот на Собранието (сала Длаборез) е една од најрепрезентативните.
Салата е изградена во 1954 година, со првата реконструкција на свечениот дел на зградата а се користи исклучиво од страна на претседателот на Собранието.
Таму се одржува редовна координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, како и за протоколарни работи, потпишување на изјави, работни состаноци и други активности.
Со ентериерното уредување во 1954 година изведена е резба на ѕидовите, таванот, вратите и столиците со народни мотиви од поднебјето на Македонија.