Ослабе 17 килограми, пиеше дождовница од чевлите и се хранеше со црви и инсекти: 31 ДЕН

Боливиецот Џонатан Акоста е пронајден откако 31 ден талкал низ амазонската џунгла, откако се изгубил кога се разделил од своите четворица пријатели додека ловел.

Акоста (30) тврди дека преживеал пиејќи дождовница што ја собирал во чевлите и хранејќи се со црви и други инсекти.

Тој опиша дека морал да се крие од јагуари и пекарији, еден вид цицач што личи на свиња, пренесува Би-Би-Си. Група локални жители и неговите пријатели конечно го пронашле еден месец откако исчезнал во џунглата.

- Неверојатно е, не ми се верува дека луѓето ме бараа толку долго. Јадев црви, јадев инсекти, нема да верувате што морав да направам за да преживеам сето ова време - изјави тој за ТВ Унител.

Тој исто така рекол дека морал да јаде диво овошје слично на папаја, локално познато како гаргатеа.

-Многу сум му благодарен на Бог бидејќи ми даде нов живот - рече тој.


Акоста изгубил 17 килограми во текот на еден месец, бил дехидриран и имал истегнување на глуждот, но сепак можел да оди, додава Би-би-си.

  - Брат ми ни кажа дека кога четвртиот ден го исчашил зглобот почнал да стравува за својот живот. Имаше само еден куршум во пушката и не можеше да оди, а мислеше дека веќе никој нема да го бара - рекол Хорасио, помалиот брат на исчезнатиот.


За Акости проблем беше и тоа што со себе немаше мачета и батериска ламба. Тој тврди дека наишол на диви животни, а последниот куршум го искористил за да исплаши група диви свињи. Тој во текот на 31-от ден на талкање забележал група луѓе на оддалеченост од 300 метри и низ грмушките тргнал кон нив додека викал за полесно да го забележат.

- Еден човек дотрча да ни каже како го нашле брат ми. Тоа е вистинско чудо – додаде Хорасио. Во меѓувреме од полицијата најавија дека ќе сослушаат четворица пријатели на пронајдениот за да се утврдат сите детали за исчезнувањето.