Винарија Камник прослави 15 години постоење
Винаријата Камник, прослави 15 години постоење. Со интересна презентација на производство на вино, беше раскажана приказната за винаријата Камник на вчерашниот настан каде се одбележа овој јубилеј.
Од самиот почеток на работа кога се засадени првите лозови насади, преку првата берба во 2008 година, до производството на првото вино од сопствени насади Ten Barrels Syrah, до денес винаријата Камник претставува исклучителени реномиран производител на висококвалитетни македонски вина. Во овој период создадени се 25 различни видови вина и во процесот се искористени повеќе од 500 дабови буриња.
Бројноста на наградите што вината на Камник ги имаат добиено и присуството на странските вински пазари, ја позиционира оваа винарија како вистински амбасадор на македонските вина и на традиционалниот начин на преработка.
„Започнавме точно пред 15 години со намера да станеме она што сме денес. Оваа работа бара да имате постојано фокус на развивање нови вина, на иновации. Успеавме да покажеме дека македонските вина имаат квалитет. Креираме вина со дистинктивен карактер. По тоа и сме препознатливи. Како винарија правиме многу за едукација за винската индустрија, бидејќи новите генерации сакаат да научат како да препознаат добро вино. Оваа приказна на Камник се развива како една желба која прерасна во симбол за квалитет што е само доказ дека сме успеале во нашата намера“, изјави Илија Малинковски, сопственик на винаријата Камник.
Винарија Камник започна со производство на 10000 литри годишно во 2004, а планираната количина за 2019 година е 210000 литри. Своите 25 видови вина ги произведува од винските сорти Syrah, Merlot, Cabernet Sauvignon, Cabernet Franc, Carmenere, Montepulciano, Sangiovese, Pinot Noir, Vranec, Arinarnoa, Pinot Grigio, Chardonnay, Sauvignon Blanc, Muscat Petit Grain, Moscato Giallo, Viogner, Greco di Tufo, користејќи модерна технологија, но сепак зачувувајќи ги традиционалните принципи. Овие вина печатот на винарија Камник го носат на најпрестижните вински пазари, во повеќе од 30 земји и во ресторани со 1, 2 и 3 Мишелин ѕвезди, како Хајд во Лондон, рестораните на Ален Дукас во Париз, во престижниот и најголем светски културен центар посветен на виното, музејот Ла Сит ду Вин, во Бордо.
Винарија Камник во многу нешта е прва и иноватор во винските вкусови, прва винарија во Македонија што направи Orange Wine, Barrique вино и вино со злато, Golden Temjanika, каде што се користи 23 каратно фино дисперзирано гастрономско злато. Високиот квалитет на вината Камник, екслузивноста и богатството на вкусот е потврден со бројните награди на регионално и глобално ниво.
Петнаесет годишнината од своето постоење како и сите досегашни успеси и достигнувања во винскиот свет, винаријата Камник ги прослави во гламурозна атмосфера со домашни и странски гости, партнери и соработници.